Градоначалникот Куртовски апелира до граѓаните на Маврово и Ростуше да се вакцинираат

55

Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски упати апел до своите сограѓани да се вакцинираат против Ковид-19, како единствен начин „да се спречи ширењето на заразата и заштита на животот и здравјето“.

-Апелирам или подобро да кажам ги замолувам жителите на нашата општина, кои до сега не го сториле тоа, да не се двоумат и час побрзо да се имунизираат, како единствен начин за справување со невидливиот непријател, кој на големо се прошири во нашиот регион. Ве замолувам за поголема грижа и одговорност во почитувањето на протоколите и мерките пропишани од надлежните институции, вели Куртовски.

Тој ја прими првата доза вакцина, а пред неполни четири месеци се зарази со Ковид-19, и покрај тоа што, како што вели, се трудел максимално да ги почитува мерките за заштита.

Апел за што поитна имунизација упати и доктор Омер Дурмиши, директор на Здравствниот дом „Русе Бошковски“ во Ростуше, каде непречено се одвива имунизацијата и досега со овој процес се опфатени над три илјади лица.

-Мора да сфатиме дека неопходно е што порано да се вакцинираме бидејќи само на тој начин може да се заштитиме себе си, нашите најблиски и поширокото опкружување, во кое сме сведоци дека вирусот, за жал, секојдневно однесува животи, вели Дурмиши.

Епидемиолошката состојба во оваа општина, како што деновиве оцени Општинскиот кризен штаб, е алармантна со стотици заразени, но сите неевидентирани, бидејќи многу заразени, кои иако се активни, не се јавуваат на преглед во почетна фаза.

-Откако денеска испишавме тројца пациенти, моментно во нашата установа хоспитализирани се 11 ковид пациенти, сите на кислородна поддршка. Амбулантски се лекуваат, дневно, по најмалку 40 лица, а многу поголем е бројот на оние кои доаѓаат на преглед, вели Дурмиши.

Поради влошената епидемиолошка состојба, Кризниот штаб достави барање до надлежните наставата во училиштата во оваа општина да почне онлајн за период од еден месец.