Градовите се загушени од возила, требаат ефикасни решенија

91

Градовите се загадени и задушени од автомобили. Енергетиката е еден од најголемите загадувачи на животната средина, па градовите се претворени во хомогена смеса од многу комплексни загадувачи и состојбата не се подобрува поради немањето соодветна инфраструктура. Неопходно е да се планира поинаков транспорт. Ова беше посочено на промовирањето на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии.

Дејан Андонов од Институтот рече дека проблемите што се однесуваат на животната средина не се решаваат стратешки, институциите не носат ефикасни решенија за нејзино подобрување и не се транспарентни во креирањето на спроведувањето на политиките. За професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет кај нас единствено во светот се гради во урбани густо населени зони, а објектите што се градат се многу блиску до сообраќајниците.

– Ако продолжи ваквиот начин на нивно урбанистичко планирање нема да се стигне никаде. Денешните градови не можат да се справат со сите проблеми од овој тип планирање. Треба да планираме поинаков транспорт низ градот, да се грижиме за културното и природното наследство на градовите и да ги вклучиме сите граѓани и чинители во креирање на градски политики – рече Пенчиќ.

Експертот за енергетски менаџмент, Ана М.Лазаревска истакна дека еден од проблемите што можеби е решение е моменталното користење на обновливите извори кое е во многу мал процент – додаде Лазаревска.

Експертот од областа на аерозагадувањето, Дејан Мираковски рече дека градовите се претворени во хомогена смеса од многу комплексни загадувачи, па има загадување и кога нема многу сообраќај на улиците.

– Имаме пренаселеност не само во Скопје, туку и во други градови – додаде Мираковски.