Градинките ќе бидат казнети до 4.000 евра ако примат невакцинирано дете

67

Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) деновиве се на терен во контрола на градинките, дали ја почитуваат времената мерка забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина.
Според директорката на инспекторатот, Ирина Бухова досега не е пронајдена ниту една градинка која не ги почитува мерките. Бухова појасни за Вечер дека инспектори се на терен откако започнала забраната и засега нема непочитување на мерките што ги донесе ресорното министерство.

-Но, морам да нагласам дека сепак најверојатно поради празниците и распустот, во градинките беа згрижени многу мал број на деца – вели Бухова и дополни дека ќе следат и парични казни доколку некое дете во градинката биде затекнато невакцинирано.
Бухова потенцира дека се работи за казни кои за правното лице се движат од 2.000 до 4.000 евра, а за одговорното лице на градинката казната е околу 30 отсто од одредената сума за правното лице.

Според неа засега се уште на сила е епидемија на мали сипаници на територијата на град Скопје и таа ќе трае се додека Комисијата за заразни болести не ја отповика, но за тоа треба да има услови, односно да нема заболени нови лица со морбили.

Истовремено деновиве на барање на министерот за здравство Венко Филипче има и вонреден инспекциски надзор за вакцините, се проверува рокот на употреба. Инспекторите досега потврдија дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и целосно безбедни.

Министерството за здравство ја разгледува можноста за одземање на дозволата за увоз на лекови на „Македонијалек“ за раскинување на веќе потпишаните договори со оваа фирма или, пак, можноста да ѝ се изрече забрана за увоз доколу се утврди дека направената грешка можела да се превенира.
-Надзорот изврши контрола во повеќе вакцинални пунктови, при што беа детално исконтролирани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот. Утврдено беше дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година-велат од Министерството за здравство и појаснуваат дека надзорот констатирал дека од страна на увозникот, компанијата Македонија лек бил направен технички пропуст кај еден отсто од вакцините.
Според нив компанијата Македонија лек, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации, кои биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година.
-Родителите и граѓаните може да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата. Вакцините во вакциналните пуктови се со
проверен квалитет и безбедност и во исправен рок на траење-вели министерот Филипче.
Техничката грешка која настанала при аплицирање на декларациите, ја потврдија и од ” Македонијалек”но како што велат од компанијата МРП вакцините се со врвен квалитет.
– Сите МРП вакцини од марката „Приориџ“, кои ги дистрибуира „Македонијалек“ се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови се дистрибуирани вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019, соопштија од компанијата, која е увозник и дистрибутер на тие вакцини, а по извршената внатрешна контрола за проверка на наводите изнесени во јавноста за можно присуство на вакцини со поминат рок-објаснуваат од компанијата и дополнија дека при контролата откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите.
Според нив кај мал дел од пакувањата се ставени старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Од компанијата се извинија за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани.
-Овие пакувања веднаш се повлечени за да нема натамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок – потенцираат од Македонијалек.

Два нови случаја со мали сипаници во Скопје

Два нови случаја со мали сипаници се лабораториски потврдени. Станува збор за 18-месечно дете од општина Чаир и за четиригодишно дете од општина Аеродром кои биле невакцинирани. Тие се пренесени на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Според министерот Филипче со овие два случаи вкупниот број на заболени со морбили изнесува 19. Од заболените, 11 биле пренесени на Клиниката за инфективни болести, од кои четири се пуштени на домашно лекување. Потенцира дека за едно лице на возраст од 30 години кое е вакцинирано со една доза вакцина и за уште едно лице на возраст од 28 години кое има непознат вакцинален сататус се чека поврда од крвните анализи.

-Досега се вакцинирани 1.300 деца, рече Филипче и упати апел до родителите да ги вакцинираат децата за да се спречи епидемијата на морбили.

(В.Ма.)