Градинките уште под клуч, од родителите се бараат потврди

Дел од скопските јавни установи, повикувајќи се на добиените протоколи, бараат од потврда од родителот/е  дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работното место, без можност за работа од дома. „Со цел Установата да ја има реалната бројка на деца кои би почнале од септември би Ве замолиле Вие вашите потврди да ги доставите до објектот каде што престојува Вашето дете во периодот од 10. 8 до 14. 8, од 7 до 11 часот“, се вели во пораката што ја добија родителите.

972

Ќе се отворат ли градинките од септември? Ова е прашањето што ги мачи родителите, особено оние кои поради мерките за заштита од ширење на пандемијата со ковидп-19 не можат да одат на работа туку се принудени да останат дома и да ги чуваат децата. Иако најголемиот дел од фирмите се обидуваат да го сменат начинот на работа за вработените да можат работните обврски да ги извршуваат од дома, сепак, некои работни места поради природата на работа не можат успешно да се реализираат на таков начин. Во меѓувреме, во сите општини се врши реконструкција и дезинфекција на установите, но и подготовка на занималните и училниците за престој.

Деновиве, пак, родителите во неколку скопските градинки повторно добија прашалник. „Поради огромната потреба од повторно отпочнување со прием на деца во градинките, се прават напори за отворање но истовремено и за почитување на Протоколите кои се доставени до градинките од Комисијата за заразни болести и МТСП, за зачувување на здравјето и безбедноста на децата и вработените. По добиените Протоколи една од насоките е: -Установата да обезбеди потврда од родителот/е  дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работното место, без можност за работа од дома: Со цел Установата да ја има реалната бројка на деца кои би почнале од септември би Ве замолиле Вие вашите потврди да ги доставите до објектот каде престојува Вашето дете во периодот од 10. 8 до 14. 8, од 07:00 -11:00 часот.

Освен податоците од работодавецот што треба да ги содржи потврдата за Вас родителите, на истата треба да биде напишано име и презиме на дете, објект и воспитна група каде што престојува. Се надеваме дека ќе бидеме во можност да ја запазиме бројката во група по Протоколи и дека во брзо време повторно ќе ги отвориме вратите за нашите деца и заедничко добро“, се вели во пораката до родителите од градинката ,,8 Март”.

Дел од родителите веќе психички се подготвени да ги носат децата во градинка, некои пак, сè уште стравуваат.

-Очекувам работодавецот да ми ја издаде потврдата и да се вратам на работното место. Моето дете има три години, а дома сме од март, кога поради ширењето на коронавирусот градинките беа затворени. Со толку малечки деца е премногу напорно и речиси невозможно да се работи од дома. Очекуваме градинките да ги почитуваат протоколите, но и работодавците да бидат толерантни околу работното време, вели една родителка за весникот ВЕЧЕР.

Нејзината колешка смета дека децата што се дома многу губат од социјалниот, едукативниот и образовниот развој што не се во градинка.

-Сакам да се смири ситуацијата за да може децата да се вратат онаму каде што им е местото. Сметам дека на сите родители им е подеднакво тешко да се снајдат и секојдневно да ги едуцираат своите деца, но како поминува времето на моето дете од 3 години ништо не му е интересно и не му го задржува вниманието повеќе од 15-ина минути. Иако некои нема да се сложат со моето мислење, ја сепак сум за отворање на градинките бидејќи таму ќе се побезбедни отколку во парковите пред зграда, изјави таа за весникот ВЕЧЕР.

Но, има и родители кои сметаат дека отворањето на градинките може да биде погубно за ширење на вирусот.

-Не се сè уште создадени услови за децата да тргнат во градинките. Тие се премногу мали за сами да се грижат за себе повеќе часови, да одржуваат физичко растојание и да внимаваат рачињата да не ги ставаат во уста или да ги допираат очињата. Воспитувачките реално не можат секое дете да го „држат во скут“ и со тоа да го контролираат нивното однесување. А никој на родителите не им гарантира дека можеби некоја од воспитувачките, која и самата не знае во моментот на работното место ќе дојде инфицирана со вирусот, а истото може да се случи и со кое било дете во групата. Тоа би било катастрофа, како атомска бомба, вели родител за весникот ВЕЧЕР.

Пред неколку дена, Комисијата за заразни болести даде препорака да почнат да работат градинките во земјава.

-Сметаме дека градинките ги исполнуваат условите во кои ќе бидат згрижувани децата. Само 4 до 5 вакви установи во целата земја не ги исполнуваат бараните критериуми, но не може за сметка на само неколку да ги држиме сите градинки затворени. Време е и најмалите да се вратат во установите, а и родителите да почнат редовно на работа. Основно е да се прави поголема контрола, децата да бидат на некој начин редуцирани во групите, во однос на ова, приватните градинки практично целосно ги исполнуваат критериумите, изјавија тогаш од Комисијата за заразни болести. (Е.А.)