Градежниците очекуваат крах, од ЈПДП уверуваат дека ќе работат на капиталните инвестиции

Најодговорно тврдиме дека капиталните инвестиции ЈП за државни патишта не само што нема намера да ги прекине, туку има план да го зголеми опфатот и интензитет, изјавија од ова јавно претпријатие

985

Нема стопирање на градежните активности ниту прекинување на капиталните инвестиции, тврдат од  ЈП за државни патишта, откако градежните компании изразија сомнеж дека поради кризата годинава ќе немаат работа и ќе западнат во неликвидност.

Префрлање на дел од буџетските пари наменети за капитални инвестиции, кои годинава се во најголем обем, кон помош на бизнисот побараа и некои работодавци со сомнеж дека барем до средина на годинава нема да можат да се реализираат. Од друга страна, пак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара инвестициските  градежни активности да продолжат за да обезбедат прилив на пари.

– Најодговорно тврдиме дека капиталните инвестиции ЈП за државни патишта не само што нема намера да ги прекине, туку има план да го зголеми опфатот и интензитет. Дека и покрај новонастанатата состојба проектите се одвиваат тековно говорат фактите кои покажуваат дека од почетокот на годинава па сè досега се објавени јавни набавки за изградба, рехабилитации и реконструкции на патишта, мостови, свлечишта и слично, во висина од 45,74 милиони евра, смируваат од ЈПДП.

Градежниците, пак преку Стопанската комора на Македонија го пренесоа својот страв дека уште месецов би имале проблем со ликвидноста и да влезат меѓу секторите најзасегнати од кризата.

– Кај градежните компании владее страв од финансиски крах, од една страна заради проблеми со наплатата на побарувањата и од друга страна заради финансиските обврски.  Владее неизвесност за тоа што ќе се случува со тековните, но и со новите проекти и загриженост во однос на работниците, начинот на нивна исплата и слично. Можноста за нереализација на тековните проекти, заедно со стравот дека сезоната можеби веќе е изгубена, е уште една причина заради која компаниите од градежниот сектор стравуваат дека веќе во април би имале проблем со ликвидноста,  рече во видеоизјава главниот советник на Управниот одбор на Комората  за економски прашања, Зоран Јовановски.

Тој информира и дека се очекуваат проблеми околу увозот на градежни материјали поради ограничените услови за увоз, но и поради престанокот на работа на фабриките.

-Не треба да се кратат капиталните инвестиции што се проектирани во буџетот и ако се однесуваат на инфраструктурни проекти и тие проекти треба да се реализираат, рече Јовановски.

А еве какви инвестициски активности на државата најави министерот за транспорт и врски во јануари, кога немаше никаква најава дека ќе се случи некаква криза, но се подготвуваа вонредните парламентарни избори. Според неговата најава, се правело се до јуни да се пушти во употреба делницата Охрид-Врбјани во должина од 30 километри, која е дел од автопатот Кичево-Охрид. Исто така, рече дека е во план да заврши изградбата на делницата Куманово – Бељаковце од пругата кон Бугарија, за што тогаш беше во тек тендер за изведба за кој интерес покажаа 15 компании.  Се планираше работите на овој дел од пругата да почнат до крајот на годинава, со искористување на обезбедените 15 милиони евра.

Од другите капитални проекти планирани за годинава  Сугарски ги најави изградбата на магистралните гасоводи од Гостивар до Кичево и од Велес до Свети Николе.  Исто така, рече дека ќе се градат социјални згради со вкупно 327 станови во повеќе градови.

Најавено беше и искористување заем од Светска банка од 70 милиони евра од кој на општините требаше да им се доделат неповратни средства во висина од половина милион до два милиона евра. Од ресорното министерство тогаш информираа дека добиле проекти од 75 проценти од 80 општини колку што ги има во државата. Тие средства се за градење и санирање локални патишта и улици со вкупна должина од 450 километри. Исто така, во неколку општини градежниците требаше да се ангажираат и за помали зафати, како изградба на потпорни ѕидови, санирање мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води, велосипедски патеки, објекти по должината на патната мрежа, подобрување на кривини и раскрсници и друго.

Во градежниот сектор во државата се ангажирани  седум проценти од вкупниот број вработени. Во изминатите години градежништвото беше една од главните движечки сили за растот на економијата.

(С.В.)