Градежна компанија од Њујорк мора на работник да му плаќа марихуана против болки

119

Во пресудата што може да има далекусежни последици, Апелацискиот суд во Њу Џерси донесе одлука дека работодавачот мора да му ги надомести трошоците за медицинска марихуана на работникот, која ја користи за ублажување на болките, кои се резултат на повреда на работното место.

„Ова е огромна работа. Важноста на пресудата на овој суд не може да се потцени“, изјави Стив Шајн, адвокат, специјализиран за Законот за марихуана. Тој додаде дека ова е преседан во програмите за надомест на трошоците за лечење и во другите држави, како и кај приватните здравствени осигурители.

Винсент Хагер имал 28 години во 2001 година кога камион миксер истурил бетон врз него. Тој станал неспособен да работи поради оштетување на нервите и ‘рбетниот столб, покажуваат судските документи.

Неговиот работодавец, градежната компанија М&К Construction, одбила да му ги плати трошоците за третман во текот на 15 години.

Хагер станал зависник од аналгетици, па неговиот лекар го советувал да се ослободи од нив и да користи медицинска марихуана. Хагер на крајот престанал да ги користи силните лекови.

Трошоците за медицинска марихуана обично не се покриени со здравственото осигурување, бидејќи Американската агенција за лекови и храна смета дека нема медицински придобивки, и покрај тоа што е легализирана во 33 држави и се користи за третман на некои болести.

Хагер, кој зема 56 грама марихуана на секои 30 дена, за неа троши 616 долари месечно.