EPA-EFE/Abir Sultan

Како гром од ведро небо, летово одекна веста дека Вахид Халихоџиќ повеќе не е селектор на Мароко, на само три месеци пред почетокот на Светското првенство во Катар. Долго се зборуваше за таа неочекувана одлука, а според медиумите, причина за тоа се неговите лоши односи со најдобрите играчи на таа селекција, пред сè со Хаким Зијеш. На крајот тоа се случи во август, па Халихоџиќ остана без селекторското столче. Но, од Федерацијата веднаш најдоа решение за таа позиција, во поранешниот репрезентативец на таа земја, Валид Реграгуи, кој се покажа како вистински потег.

Валид Реграгуи е Мароканец, роден во предградието на Париз, во 1975 година, кој трчал по топката уште од најраното детство и сакал да стане фудбалер. Првите чекори ги направи во локален клуб кој до појавата на ПСЖ имаше значително поголемо значење и број на навивачи, Расинг од Париз. Играше како дефанзивец, а многу брзо од Расинг се пресели во Тулуз, каде што и стана познат на пошироката фудбалска јавност во таа земја. Круната на неговата играчка кариера беше во 2001 година, кога доби покана за настап во А селекцијата, земјата на неговите родители – Мароко.

Херојот на оваа фудбалска бајка, Валид Реграгуи, од 2001 до 2009 година успешно играше за Ајакс, Расинг Сантандер, Дижон и Гренобл, каде што ја делеше соблекувалната со Оливие Жиру, кој ќе му биде ривал во денешното полуфинале (20 часот), а сигурно ќе биде емотивна средба меѓу двајцата поранешни соиграчи. По солидна кариера на „Стариот континент“ во 2009 година играше и во Мароко за Магреб Тетуан, по што ги закачи копачките на клин. Во тие осум години тој собра 45 настапи за репрезентацијата, па добро знаеше на која „карта“ да игра со своите сегашни играчи.

По играчката кариера, Реграгуи успеа да оствари солидна тренерска кариера, пет години седеше на клупата на ФУС од Рабат и во тој период еднаш беше шампион на таа земја. По ФУС, накратко го предводеше Ал-Духаил, во земјата каде што го живееше најубавиот сон, Катар, а потоа го презеде Видад Казабланка во 2021 година. На клупата на тој славен клуб успеа да ја освои африканската Лига на шампиони и да стане само вториот Мароканец кому тоа му успеало, по Хосеин Амут. Но, најголемиот успех во кариерата му е пласманот во полуфиналето на СВ во Катар, каде што со својот Мароко денес ќе ги одмери силите против фаворитот Франција, а на чело на оваа селекција дојде пред само три месеци.

EPA-EFE/Georgi Licovski

Тој веднаш воспостави контакт со играчите, а пред сè со Зијеш, кого го убеди да се врати и да му помогне на својот тим во Катар. Реграгуи многу брзо стана нивен постар брат и тој однос се префрли на теренот, а тоа се виде и на првиот пријателски натпревар во Шпанија, кога го победија Чиле со 2:0. До почетокот на Мундијалот одиграа нерешено против Парагвај и ја победија Грузија, па оптимистичките „лавови“ отпатуваа за Доха.

Во една од најтешките групи на Мундијалот, Реграгуи и неговите избраници излегоа први ја завршија групната фаза, со победи над Канада и Белгија, а единственото реми беше против Хрватска, која исто така го најде своето место во полуфиналето. Реграги не крие дека семејствата на фудбалерите се заедно во хотелот со својата делегација и дека ова е една од најголемите сили на Мароко на овој Мундијал, покрај огромната поддршка од трибините од нивните навивачи.

На своето историско патување, селекторот на Мароко успеа да му „даде“ отказ на Луис Енрике, кого тактички го надигра во 120 минути игра, па се чинеше дека нападите на Шпанија се повеќе од залудни. По изведувањето на пенали, Боно и соиграчите заслужено славеа и го испратија поранешниот шампион дома. Направија нова сензација против Португалија, кога тактичката слабост на противникот беше видлива на теренот. Мароканците победија со 1:0, а да беа поприсебни во финишот од акциите, можеше да биде и поубедливо, па Кристијано Роналдо прилично трагично се збогуваше со дресот на својот тим. Со таа победа тие го закажаа историското прво полуфинале за една африканска репрезентација, а таму ги очекува дуел против актуелниот шампион.

Валидниот Реграгуи успеа за само дваесет дена да израдува околу 50.000.000 луѓе низ светот (неофицијални проценки колку Мароканци има вкупно) и да покаже дека понекогаш самиот пристап може да биде доволен, доколку тимот не се издигне и не го покаже својот квалитет. Многу фудбалски фанатици веќе ги споредуваат со Грција во 2004 година, кога Хелените станаа европски шампиони со својата одлична одбрана и фанатизам. Мароко прими еден гол на целото Светско првенство и тоа беше автогол. Клучот на успехот е дефинитивно тоа што секој си го знае местото во тимот и својата улога, тој го воведе европскиот систем на игра во Мароко и тоа доаѓа до израз, токму сега.

Како и да заврши овој Мундијал, Валид Реграгуи ќе остане запишан со златни букви во историјата на Мароко и африканскиот фудбал.