Го испуштија езерото, испливаа фекалиите

443

Еко активистката Валентина Штерјовска од Гостивар смета дека е во ред што Инспекторатот ги опоменал сопствениците на објектите што ги испуштаат отпадните води директно во Мавровско Езеро да ги преземат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето. Како решенија таа предлага изградба на водоотпорни септички јами каде би се собирале искористените води, што не е финансиски недостижна опција за сопствениците или, пак, поставување на биофилтри што ги има на домашниот пазар, а се од наши иноватори

Угостителски објекти околу Мавровско Езеро, како и погони лоцирани во село Скудриње ги испуштаат отпадните води во езерските води и во реката Радика, без пречистување. Ова го утврдиле од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) по извршената инспекција врз правни субјекти на територијата на Националниот парк Маврово.

– Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека девет од нив не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина. Голем број инспектирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите “Радика”, “Бистра”, “Спорт”, “Лодге” и “Алпине”. Помали погони, како на пример “ЕуроЕдил”, “Новитет” и “Техно Блок”, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување – велат од Инспекторатот.

Сите субјекти кај кои се најдени неправилности се задолжени, согласно закон, најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени Елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.

Валентина Штерјовска, екоактивист од Гостивар вели дека состојбата со испуштање на непрочистени канализациони води директно во реките или езерата е насекаде низ Македонија. Тоа, според неа, се должи на немањето на пречистителни станици и државата треба да вложи во изградба на систем на пречистителни станици.

– Како екоактивист од Гостивар сум констатирала дека загадувањето на Вардар е од канализацијата. Од општина Гостивар велат дека требаат многу пари за пречистителна станица. Така е насекаде низ државата. Добро е што инспекторите укажуваат што им фали на оние што ја испуштаат канализацијата со цел да го направат, но треба да се имаат предвид и нивните реални можности поединечно да инвестираат во пречистителна станица – вели Штерјовска.

Таа смета дека е во ред што Инспекторатот ги опоменал сопствениците на објектите што ги испуштаат отпадните води директно во Мавровско Езеро да ги преземат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето. Како решенија таа предлага изградба на водоотпорни септички јами каде би се собирале искористените води, што не е финансиски недостижна опција за сопствениците или, пак, поставување на биофилтри што ги има на домашниот пазар, а се од наши иноватори.

Според некои проценки во Република Македонија се прочистуваат само околу три до четири проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата.

– Најголемиот дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, езерата, јавната канализација – потенцираше шефот на државата, Стево Пендаровски на онлајн дебатата за квалитетот на водите во нашата земја и оцени дека управувањето со овој ресурс е неодржливо. Колку е пониско нивото на јавната свест, толку е поважна улогата на инспекцискиот надзор, но за жал инспекцискиот надзор е слаба алка во нашиот систем затоа што е нередовен и затоа што е неактивен – образложи претседателот.

Пендаровски рече дека тоа се должи, делумно на законските недоречености, а делумно на буџетските ограничувања.

– Речиси половина од подзаконските акти неопходни за имплементација на Законот за води сè уште не се донесени. Немаме ниту доволен број на пречистителни станици. Поради овие наталожени системски недостатоци, надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во Северна Македонија – додаде претседателот.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини посочи дека во скопската водоводна мрежа се губи повеќе од 30 отсто од водата за пиење, а отпадната не се прочистува и се испушта во Вардар.

– Во стратегијата и во програмата на државата е да инвестираме во една од најголемите постојки за третман на вода во Скопје и регионот. Потпишавме договори со банките, околу 136 милиони евра договор за изработка на постојка и да се подобри канализационата мрежа во Скопје – наведе Нуредини.

Тој изјави дека почнале и со тендер во Кичево за обнова на канализацискиот систем.

– Преку европските фондови сме во процес за Битола и Тетово. Се надеваме дека ќе бидат отворени во април. Овие три проекти вредат околу 18 милиони евра – рече Нуредини.

Кривична пријава за загадувачот на Охридско Езеро

За два дена ова е втор откриен случај од страна на ДИЖС на загадување на природните води. На потегот меѓу Хотел Далјан и дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското Езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација. По обелоденувањето на случајот МВР го пронајде сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава.

– Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем“ очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето. Уништувањето на природното наследство е недозволиво, а виновниците мора да сносат одговорност – соопшти ДИЖС.

(С.Бл.)