Одлуката на НБРМ која им наложува на банките и штедилниците да ја одложат  исплатата на дивиденда остварена врз основа на нивните резултатите  од минатата, 2020 година, евидентно, предизивика и очекувани и неочекувани реакции, вели за весникот ВЕЧЕР,  Петар Гошев, екс гувернер и поранешен министер за финансии.

Од сите нив, посебно би издвоил две понагласени: едната реакција брзо стигна од претставници на најголемата опозициона партија, другата од една-две банки, со најава дека реакција на Одлуката ќе има и од самото Здружение на банките. Првата реакција е помалку битна, но никако  за занемарување. Таа е  очекувано неодговорна, изговорена од   луѓе чија единствена мотивација е што побзо да се вратат на власт, дури и земјата целосно да се пеплоса.  Мислат дека и во пепелта ќе најдат нешто да „здиплат“ за себе. Имено, најголемата опозициона партија, преку изјавите на свои претставници, Одлуката на НБРМ ја толкува како „признание“  дека „Република Македонија е пред банкрот“, дека „акционерите на осигурителните компании и банките ќе бидат оштетени“, дека тоа ќе ги „натерало штедачите да си ги повлечат депозитите за да не им пропаднале“ и слично.

Гошев вели дека вакви изјави се копија на изјавите од истата адреса  дадени во врска со  одземањето на дозволата за работа на една мала банка – бившата Еуростандард банка – кога, покрај другото, претставниците на НБРМ беа малтретирани со политчко-театарска претстава во импровизираниот партиски суд во Парламентот – да се правдаат зошто го примениле законот и тоа пред политички манипулатори и пред  вистинските  виновници за затворањето на банката. За овој вид  луѓе, кои ги  има и на сите страни  од политичкиот спектрум во Македонија, вообичаено, кога не се на власт, практично не смее да постои ниту еден поздрав сегмент во системот, ниту една попристојна институција. Нивната девиза е: „нема трошок што не сме подготвени да им го испорачаме на граѓаните на Македонија, само и само да се вратиме на власт“.

Втората реакција, вели екс гувернерот Гошев,  на Одлуката на НБРМ е, досега, од една до две банки, со најава за реакција и на Здружението на банките. Оваа реакција е далеку, далеку почувствителна. Таа доаѓа од оние кои дефакто немаат различни цели од целите на Регулаторот, во случајов НБРМ. И едната и другата страна сакаат здрав банкарски систем, зашто само во таков систем можат долгорочно да печалат дивиденди и успешно да ја остваруваат функцијата во економскиот систем. Досега, и тоа долг период, банките и НБРМ имаа одлична соработка. И токму затоа банкарскиот систем е еден од најздравите општестено-економски потсистеми во државата. Таквата соработка треба безусловно да продолжи.

Секоја несоодветна комуникација  на реалција банки -Регулатор  (НБРМ) не е добар начин за одржување и подобрување на таа соработка, која е еден од клучните фактори за довербата на клиентите во секторот кој е крвоток на секоја економија.  Таквиот „луксуз“ само им помага на пироманите од корумпираните политички работилници и сигурно не е во полза на потрајните интереси на акционерите на банките,нивната општестена функција и особено на, во оваа криза прилично солидно покажаната општестена одговорност со некои навистина добри примери, смета Гошев.

Регулаторот оценил дека ризиците во економијата, поради ужасната пандемија, не се намалуваат според очекувањата, што е очебиен факт. Оценил дека тие ризици (кога траат подолго) посредно се потенцијални ризици и врз банките, без оглед што тие во основа се сé уште во добра кондиција. Затоа Регулаторот се определил за стратегијата: „подобро спречи – отколу потоа лечи“. Дотолку повеќе што таков пристап на претпазливост зазеле и централни банки на други држави, иако второво за мене не е најважниот аргумент – туку евидентното продолжување на проблемите од здравстената криза, во и вон земјата, како  и прилично исцрпениот фискален простор за нови интервенции од јавните финансии на државата.

Добра е самоувереноста на некои банки во својот потенцијал, и јас верувам, дури и повеќе од тоа, дека таа се потпира  на реални факти – факти кои сугерират дека отпорноста на некои банки може да издржи и многу подолг период на ваква “малаксаност’ на економијата. Ја разбирам и нестрпливоста на некои акционери кога е во прашање распределбата на добивката, зашто секој од нив има свои тековни потреби, свои краткотрочни и подолгорочни планови. Но,  вакви одлуки, мотивирани од притисоци кои не се „изворно банкарски“, туку поради состојби во општиот амбиент за остварување на економските активности (а тие се поопасни ризици)  не е соодветно  регулаторот да ги индивидуализира, од причини кои многу добро им се познати на банкарските специјалисти. А НБРМ е задолжена за здравоста на целината на системот, без која може да биде загрозена и сечија поединечна, потенцира Гошев.

Затоа, мене ми е разбирлив и прифатлив превентивниот карактер на оваа одлука на НБРМ. И,  мислам дека НБРМ и банките само заедно можат поуспешно да се справуваат од заканите кои ги демнат „од надвор“, секој поаѓајќи од законската одговорност; дека асиметричните реакции во јавноста  не е добар пристап, односно е од оние за кои може да се каже дека е „во корист на сопствената штета“.  И конечно, со Одлуката на НБРМ не само што на акционерите нема да им „избега“ дивидендата, туку брзо ќе им легне на сметките, особено брзо ако оптимизмот на одделни банки во врска со својата отпорност (во која, повторувам, воопшто не се сомневам) и пооптимистичката перцепција за брзо консолидирање на економските движења (за која сум малку поскептичен) се покажат поточни  од причините за оправданата претпазливост на НБРМ. Затоа, треба да се послуша гласот на Регулаторот (НБРМ), вели за весникот ВЕЧЕР, Петар Гошев.

(В.М.Б.)