Каква ќе биде прославата за 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, човекот кој го гледаше светот како поле за културен натпревар меѓу народите? Мноштвото информации кои доаѓаат од Бугарија, но и од Македонија најавуваат дека МВР, на 4 февруари ќе има полни раце работа. На социјалните мрежи се шири иницијатива за ноќна стража на гробот на Гоце Делчев, а има поединци кои дополнително се самоорганизираат за блокади на патиштата за да го спречат доаѓањето на организираните бугарски групи во Скопје. Бугарското МНР, пак, најави нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите, кои на 4 февруари ќе дојдат во Македонија. Меѓу нив се најавува и присуството на бугарски претставници кои повеќепати досега го злоупотребиле доаѓањето во државава за антимакедонски навреди и провокации. Ова, според дел од независните бугарски аналитичари, е дел од задолжителната традиција секогаш кога  ќе „замириса на избори“.

И покрај големата напнатост пред чествувањето на 4 февруари, деканот на ФДК на „Европски универзитет“, доц. д-р Александар Нацев смета дека сепак нема да има посериозен инцидент поради засилена активност на МВР.

„Како никогаш досега можеме да забележиме преголема наелектризирана атмосфера околу чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, и една тензија која секоја година стануваше сè поголема, особено последниве 3-4 години. Исто така, забележливо е и заострување на дипломатските односи помеѓу двете држави, што кулминираше со повлекувањето на бугарскиот амбасадор и заострување на реториката од официјални претставници на бугарската политика. Во однос на можноста за инциденти на самото место, на 4 февруари, мислам дека посериозен инцидент нема да има, бидејќи се очекува силно полициско присуство, кое треба да ги обесхрабри потенцијалните нарушители на јавниот ред и мир, а воедно и да превенира блиска средба помеѓу учесниците на македонските и бугарските групи. Веќе на една недела пред настанот, може да се забележи засилена активност на МВР во однос на изработка на планови и процедури за дејствување на Полицијата на критичниот ден, бидејќи кон МВР се насочени очите не само на македонската и бугарската јавност, туку и на европската јавност, што може да се види преку изјавите на дипломатските претставници на ЕУ“, изјави за весникот ВЕЧЕР безбедносниот аналитичар доц. д-р Нацев.

Според министерот за внатрешни работи Спасовски, МВР е подготвено да спречи секаков обид за понижување на македонскиот народ и држава и порача дека нема потреба граѓаните да се самоорганизираат.

– Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот, изјави денеска министерот Спасовски по повикот на социјалните мрежи упатен до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје.

Тој апелираше до сите на едно мирно, достоинствено чествување, додавајќи дека е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние од Бугарија кои се организираат и сакаат да дојдат, бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок.

– Апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да не понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но таа чест и почит мора да ни биде возвратена. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да нè понижува, нагласи Спасовски повторувајќи дека одлуката дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за непожелна личност, ќе ја донесат кога ќе дојде време за тоа.

Претходно, на социјалните мрежи се прошири иницијатива за ноќна стража на гробот на Гоце Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Дополнително имаше повик до граѓаните за поставување на блокади на 4 февруари, на патарината Куманово – Скопје, како и на граничните премини кај Крива Паланка и кај Делчево. Повиците следеа откако бугарскатa фондација „Македонија” на својата официјална фејсбук-страница завчеравечер објави водич за сите Бугари што ќе сакаат на 4 февруари да дојдат во Македонија на поклонение на гробот на Гоце Делчев.

Бугарското МНР, пак, како што најави денеска шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, со нота до Скопје ќе бара да се гарантира безбедноста на Бугарите, кои на 4 февруари ќе дојдат во Македонија, а за таа цел ќе има и телефонски разговор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев.

– Разговорот ќе биде со цел да се гарантира безбедноста на Бугарите таму, но и на оние кои ќе заминат на одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Со нота ќе бараме од Република Северна Македонија да им обезбеди пристап на Бугарите кои ќе отпатуваат таму. Во минимален обем ќе има присуство и на претставници на Бугарската амбасада, изјави Милков, додавајќи дека проблем во сегашната ситуација е тоа што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство во земјава „немаат доверба во основните институции“.

Во однос на најавите за забрана за влез во земјава на лица од Бугарија, тој изјави дека: „забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична“.

Според советничката за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков, Весела Чернева, последните месеци е видливо зголемување на тензиите во меѓусебните односи, додавајќи дека ваков тип на ескалации има секогаш кога ќе „замириса на избори“.

– Од двете страни на границата има партии кои ги користат тензиите за да го подигнат својот рејтинг, заклучува Чернева.

Таа додаде дека меѓу двете земји постои механизам кој треба да придонесе за намалување на тензиите и за идентификување на појавите на омраза, кој е јасно наведен во Протоколот што лани беше потпишан, но тој не се спроведува.

– Видовме како бугарски европратеник му се заканува на македонскиот претседател со атентат. Ваквиот тип на закани не треба да бидат дел од билатералните односи. Одржувањето на добар тон и пристојност ќе им помогне на Бугарите кои живеат во Северна Македонија многу повеќе од овој прилично неодговорен пристап, смета Чернева.   

(И.С.)