Гостиварци во паника: „Гори Русино, затворете ги прозорците“

615

Над 7000 членови на граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“, во името на жителите на Гостивар бараат да се затвори депонијата Русино која ги труе со чад и опасни материи кои испаруваат при нејзиното палење. Бараат да се најде локација на друго место и да се најде решение за постојниот отпад, бидејќи сметаат дека таа е еколошка бомба која го загадува и воздухот и водата и почвата и дека е недозволиво во 21 век да се пали отпад

 

Незадоволството од постојаното палење на депонијата Русино која предизвикува штети по здравјето на луѓето, граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“, во неделата го изразија со мирно протестно дефиле со автомобили и транспаренти низ улиците на Гостивар, почитувајќи ги протоколите за заштита од пандемијата со корона вирусот, иако претходно тие најавија дека протестот на 6 јули годинава, ќе се одложи, бидејќи од полицијата им било сугерирано дека сега не е време за тоа заради изборната кампања за претстојните избори.

Тие бараат да се затвори депонијата Русино која ги труе со чад и опасни материи кои испаруваат при нејзиното палење, да се дислоцира на друго место и да се најде решение за постојниот отпад, бидејќи сметаат дека таа е еколошка бомба која го загадува и воздухот и водата и почвата и дека е недозволиво во 21 век да се пали отпад.

-Не поврзуваат со политички партии, иако е очигледно дека ова нема никаква врска со политиката и со изборите, туку се работи за здравјето на луѓето. Сепак, го имавме веќе одредено датумот и инцидентно одлучивме да го одбележиме денот и да направиме мирно протестно дефиле – вели Валентина Штерјовска, член на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ и додаде дека протестното дефиле го продолжиле до депонијата Русино каде што можело да се забележи дека депонијата повторно гори.

Таа истакна дека останува повторно да протестираат по изборите.

Оваа депонија постои 20 години и е место каде што се депонира секаков вид на отпад.

-Тоа е всушност  дива депонија која еколошки е сосема неоправдана и која гори повеќе од еден месец постојано. Бидејќи нејзиниот капацитет е исполнет имаме сомнеж дека отпадот се пали. Веднаш под Русино е селото Баница и познатото Баничко Поле каде се садеа земјоделски култури, а сега не се сади ништо бидејќи почвата е загадена. Исто така, загадени се и подземните води, а водата во Сушичка Река е кафена – објаснува Штерјовска.

Таа додава дека поради тоа што Русино се наоѓа на височина, целиот воздух од горењето на депонијата и сите штетни гасови од испарувањето на отпадот доаѓаат во Гостивар, но и во околните села: Чегране, Форино, Баница и Сушица.

-Во Гостивар е секојдневие, особено во вечерните часови, гостиварци во паника да викаат: „затворете ги прозорците, гори Русино“, а се чувствува и неподнослива смрдеа. Во јули, минатата година, депонијата Русино комплетно се запали. Русино и Гостивар беа целосно во чад, а граѓаните беа принудени да се евакуираат, бегаа од Гостивар. Стравуваме дека тоа повторно може да ни случи, дека може да има уште поголем пожар, возбудено – реагира Штерјовска.

Таа потеницира дека заради загадениот воздух, поради горењето на депонијата се поголем е бројот на луѓето што имаат респираторни проблеми и се со канцерогени заболувања. 

Затоа, од граѓанската иницијатива апелираат до надлежните да се заложат конечно проблемот да се реши.

Тие имале средба и со градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари кој како што велат ги поддржува и им ветил дека ќе им се приклучи на протестите.

-Jaс имав средба со претставници на невладини организации во Општината Гостивар за овој проблем. Две години Општината нема ингеренции за оваа депонија туку за тоа е надлежната Владата, односно ресорното министерство. И покрај тоа ние внимаваме бидејќи постојано се пали депонијата Русино. Тоа се случува и покрај тоа што има чуварска служба и камери, но сепак се работи за огромна површина која неможе целосно да се исконтролира. На почетокот планиравме да ја дадеме депонијата под концесија, но Владата ја зема под нивна надлежност-изјави за весникот ВЕЧЕР, Таравари.    

Иако, граѓаните имаат упатено неколку претставки до Министерството за животна средина и просторно планирање кое според нив е надлежно за решавање на проблемот, од таму до сега немаат одговор.

-Нашето барање е да се затвори депонијата, да се најде решение за отпадот во депонијата и да се најде локација на која ќе се изгради депонија според стандардите на ЕУ – заклучи Штерјовска.

Деветте полошки општини веќе подолг период се обидуваат да создадат заедничко комунално претпријатие за да собира и менаџира со отпадот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за весникот ВЕЧЕР информираа дека решавањето на проблемот на неконтролираното одлагање на комуналниот отпад и затварање на нестандардните, диви депонии иако согласно закон е обврска на локалната самоуправа, за нив е приоритет при обезбедувањето на средства за помош на општината за оваа намена.

-Депонијата во Русино е предвидена да биде регионална депонија за Полошкиот плански регион согласно со стратешките национални документи и на тоа се работи интензивно, со цел да се заврши постапката во согласност со поставените рокови. До формирањето на меѓуопштинското јавно претпријатие, ЈКП „Комуналец“ од Гостивар ќе продолжи да биде одговорно правно лице за оперирање на депонијата-велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму додаваат дека меѓуопштинското јавно претпријатие е во фаза на конституирање, а за него постапката ќе биде затворена до крајот на  2020 година, активност која се реализира во рамки на проект „Воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Полошкиот плански регион“ за кој Владата обезбеди средства преку Владата на Швајцарија.

-Во меѓувреме, во рамките на гореспоменатиот проект, предвидено е да се преземат одредени инфраструктурни мерки за локацијата во Русино, со што ќе се исполнат минимално техничките услови пропишани со националното законодавство за да може оваа депонија да ги добие и соодветните дозволи за вршење на дејност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, а тоа се: решение за основање на депонија за неопасен отпад и дозвола за вршење дејност оператор на депонија.

Инаку, граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ е формирана пред еден месец и веќе има 7.000 членови.

Четириесет фирми влегоа во катастарот на загадувачи во Гостивар

По седум месеци работа, Општина Гостивар ја направи прва верзија на катастарот на загадувачи кој е во завршна фаза, што ќе биде дел од стратегијата за справување со загадувањето на гостиварското подрачје. Во него ќе бидат наведени компании и фирми што поседуваат еколошки дозволи, а емитуваат штетни материи во производниот процес.

На листата што општинската власт ја направи се наоѓаат: пет фабрики, каменоломи, произведувачи на бетон што имааат А-еколошка дозвола, меѓу нив се и живинарски фарми, производни капацитети за бои и лакови, механичарски работилници со Б-дозвола, а има и пекарски фурни и бурекчилници.

– Ги идентификуваме овие загадувачи, од кои пет се со еколошки дозволи од категоријата А, а 11 со Б-дозволи што ги издава Министерството за животна средина. Списокот го дополнивме и со загадувачи како погони за производство на бои, каменоресци, пекари, механичарски работилници и сервиси каде што се заменува моторното масло на возилата- вели Зуди Џелили од Одделот за екологија во Општина Гостивар.

Со составувањето на катастарот на загадувачи, се очекува Гостивар да има податоци за тоа кои се загадувачите и до која мера е нивното влијание врз загадувањето.

Катастарот на загадувачи ќе биде дел од Локалната стратегија за загадување во Гостивар. Таа е дел од петгодишен проект за кој локалната власт треба да издвои околу 20.000 евра.

 (А.П.)