Горна и Долна Матка, Шишево, Глумово… секое лето кубурат со вода

82

Жителите на селата Горна и Долна Матка, Шишево, Глумово, на територијата на Општина Сарај, секоја година во летниот период се соочуваат со недостиг од вода. Таа е со намален притисок. Од Општина Сарај потврдуваат дека се работи за континуиран проблем во текот на летната сезона.

– Ова е општ проблем и се јавува постојано во текот на летото. Точно е дека има проблем со намалениот притисок на водата. Но, досега до кај нас како Општина нема пристигнато поплаки од жителите. Сметам дека водата се троши недомаќински, се наводнуваат ниви, бавчи, дворови пред куќата. Нормално е дека во летниот период вода се троши повеќе, затоа се потребни и до 30 проценти повеќе во овие места. Би требало јавното претпријатие „Водовод и канализација“  да преземе мерки и да интервенира во водоводната мрежа, така што би се зголемиле количините на вода, бидејќи тоа е надлежно и за територијата на оваа општина – изјави Сефи Шабани, секретар на Општина Сарај.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека и до нив немало пристигнато жалби од жителите од наведените населени места на територијата на општината Сарај.

– Ние работиме и функционираме по поплаки од граѓаните. Доколку има некаков проблем тие можат да пријават на телефонскиот број на нашиот Дежурен информативен центар 30 73 010. По пријавата наши екипи излегуваат на терен и ја утврдуваат фактичката состојба, а по потреба и ќе се интервенира  – истакнаа од претпријатието.

(А.П.)