Горивата со нова цена, бензините надолу, дизелот нагоре

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, ги повикува сите трговци да не го користат вакуум периодот за да предизвикуваат ценовен шок за граѓаните, бидејќи новата методологија за пресметка на горивата ќе стартува најверојатно од 20 мај годинава

186

Нови малопродажните цени на нафтата и нафтените деривата се очекуваат од денеска речиси на сите бензински пумпи во земјава. Возачите стравуваат дека можно е да има поскапување на горивата, но реално бензините поевтинуваат за денар, а дизелот се зголемува за половина денар.

Весникот „Вечер“ во текот на вчерашниот ден контактираше со најголемите трговци на нафта и нафтени деривати. Од нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ за весникот „Вечер“ информираа дека како корпоративно општествено одговорна компанија, работат на тоа потрошувачи навремено да бидат информирани за сите новости.

-Ние на нашите потрошувачи им нудиме најквалитетни горива по најприфатливи цени. Новите цени на нафтените деривати од утре ќе чинат:

  • Ultra 95+ Economy – 71 денар за литар
  • Ultra 100 Race Pro – 73 денари за литар
  • Ultra Diesel Green Power – 64 денари за литар
  • Ultra Diesel Bio Power – 65 денари за литар
  • Екстра лесно – 54 денари за литар

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, ги повикува сите трговци да не го користат вакуум периодот за да предизвикуваат ценовен шок за граѓаните, бидејќи новата методологија за пресметка на горивата ќе стартува најверојатно од 20 мај годинава, веднаш штом новиот претседател Стево Пендаровски ќе го потпише Измените и дополнувањата на новиот Закон за енергетика.
Бислимоски појаснува дека доколку се следат движењата на светската берза на нафтата треба да се очекува благо намалување на цената на бензините, но и благо зголемување на цената на дизел горивата.

Според него вака ќе се пресметаше цената на горивата ако се користеше старата методологија по која РКЕ досега ги определуваше малопродажните цени.

-Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат ценовен шок. Ако го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот – вели Бислимоски.

Привремената либерализација на пазарот и можноста трговците сами да ги определуваат цените на нафтените деривати настана поради правниот вакуум предизвикан со не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов поради што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која РКЕ треба да ги определува цените.

Потребата за донесување нова методологија е заради истекувањето на важноста на Анексот „Д“ што произлегува од Договорот за купопродажба на ОКТА на 8 мај годинава, според кој беше и определена и постојната методологија за определување на малопродажните цени на нафтените деривати.

-Во завршна фаза сме на донесувањето на новата методологија. Неопходно е да се донесат измените на Законот за енергетика кои се во собраниска процедура и веднаш по нивното носење ќе одржиме подготвителна и главна седница на која ќе ја усвоиме новата методологија. Доколку работите одат според предвидениот план очекува цените по новата методологија да бидат определени веќе од следниот понеделник, рече Бислимовски и појасни дека со новата регулатива се предвидува во цените на горивата да се пресметуваат и трошоците за набавка, складирање и транспорт на дериватите до бензиските.

Повеќе нема да има профитна маргина од 29 долари по тон што државата заради договорот ѝ го плаќаше на Окта до 8 мај годинава.

Тој посочи дека РКЕ по донесувањето на новата методологија секој понеделник ќе ги определува цените на нафтените деривати, наместо секој втор понеделник како што беше досега.

Очекува цените на нафтените деривати со носењето на новата методологија да останат на приближно исто ниво како и досега.

-РКЕ ги штитела, ги штити и во иднина ќе продолжи да ги штити правата на потрошувачите. Со новата методологија ќе им определи маржа на трговците која ќе им овозможи да работата со разумен профит, но таа ќе биде многу помала од маржата од 11,5 отсто што беше определена за универзалниот снабдувач со електрична енергија, рече Бислимовски.

(В.Ма.)