Горетцка уценува, Баерн (М) не мрда со прст

62

Репрезентативецот на Германија, Леон Горетцка има договор со бундеслигашот Баерн (М) до 30. јуни 2022 година, а тоа значи дека следното лето ќе може да ги засили редовите на Реал (М), Барселона или Манчестер Јунајтед, како слободен фудбалер.

Германскиот портал „Спорт1“ пишува дека раководните лица на Реал и на Јунајтед се надеваат дека за една година ќе го добијат одличниот играч за врска без да потрошат ниту едно евро за неговото обештетување.

Актуелниот шампион на Германија веќе со месеци преговара со Горетцка околу продолжувањето на соработката, но двете страни никако не можат да најдат заеднички јазик околу парите.

Поранешниот фудбалер на Шалке не крие дека сака во следните неколку сезони сака да има годишна плата поголема од 10 мил. евра, а тоа значи дека бруто баварскиот гигант ќе мора годишно само за него да исплаќа околу 20 мил. евра.

Таквата желба на Горетцка експресно беше одбиена од раководните лица кои пред неколку недели го усвоија клупскиот правилник според кој играчите се класифицирани во три групи, кога е во прашање платата. Моментално, само полскиот интернационалец Роберт Левандовски има годишна плата поголема од 20 мил. евра.

Репрезентативецот на Австрија, Давид Алаба, бараше поголема плата од Левандовски, но таквото негово барање беше одбиено со образложение дека никој не може да го уценува Баерн (М). На офанзивниот бек му беше дозволено да си замине без никакво обештетување во редовите на шпанскиот гигант Реал (М).

Најверојатно слично ќе помине и Горетцка затоа што тешко е за верување дека клупските челници ќе ги прифатат неговите побарувања. Репрезентативецот на Германија е сместен во втората група на играчи според платата, во друштво на Џошуа Кимих, Кингсли Коман и Серж Гнабри.

Горетцка и неговиот агент со месеци вршат притисок врз челниците, но раководните лица на Баерн (М) не планираат да попуштат. Поради таквата ситуација, европските гиганти Барселона, Реал (М) и Манчестер Јунајтед се на низок старт и не кријат дека сакаат да ги осигураат неговите услуги без да потрошат ниту едно евро за неговото обештетување.