Горанчо и Елеонора Костадинови ќе бидат младенци на Пијанечко-малешевската свадба

709

Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев” од Делчево денеска ги промовираше младенците Горанчо Костадинов од делчевски Нов Истевник и Елеонора Мичковска од село Русиново, кои ќе бидат главни носители на манифестацијата Пијанечко-малешевска свадба, која е  составен дел од Меѓународниот фолкорен фестивал „Делчево фест 2022″.

За младенците Горанчо и Елеонора, кои потпишаа договор со КУД „Гоце Делчев“ за настанот, повеќе од задоволство е што ќе ја имаат честа да ги облечат народните носии, оживувајќи ги старите свадбарски обичаи во Пијанец и Малеш.

-Сакаме да се остави нешто во спомен на новите генерации, за да се запамети тоа што било некогаш, за во иднина новите генерации пак да ги знаат обичаите, затоа што се се заборава, рече Костадинов.
За младиот брачен пар, исто така, гордост е што ќе се носи и старата македонска носија.
-Носијата секако е голем предизвик. На сите што ќе дојдат им посакуваме убаво да си поминат. Има истакнато игрорни групи од цела Македонија, така што мислиме дека ќе биде одлична манифестација, додадоа Костадинови.
За свекрвата Драгица Костадинова, од голема важност за Пијанечко-малешевската свадба се обичаите, за кои подготовките се веќе во тек.
-Подготовките се при крај, сметам дека се ќе помине во најдобар ред, а на сите кои ќе дојдат им посакувам се најдобро, рече Костадинова.
Една од најстарите манифестации во регионот „Делчево фест 2022″ со Пијанечко-малешевската свадба ќе се одржи на 10 септември 2022 година. Свадбата е придружна манифестација во функција на туристичка понуда на регионот, рече Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев” Делчево .