„Голиот фестивал“ во Јапонија – традиција од 500 години која е невозможно да замре/видео

196

Околу десет илјади Јапонци изминатиов викенд го прославија традиционално „Голиот фестивал“, односно Хадака Матсури, славејќи ги благодатите на жетвата, благосостојбата и плодноста.

Фестивалот се одржува секоја година во третата сабота од февруари. Покрај називот, учесниците на фестивалот не се сосема голи, туку на себе носат парче облека што го врзуваат околу колковите наречено „фундохи“ и бели чорапи „таби“.

Фестивалот се одржува во префектурата Окајами на јужниот дел од островот Хоншу.

Пред почетокот на главната манифестација, мажите се подготвуваат трчајќи околу храмот, а потоа одат на „прочистување“ со мраз студена вода, па дури потоа влегуваат во храмот.

Кога ќе се вклучат светилките, преку учесниците се фрлаат сто снопа гранчиња и две посебни „шингли“ стапчиња. Тоа е она што го означува почетокот на „хаосот“, бидејќи мажите се туркаат за да дофатат нешто од предметите кои, според легендата, им гарантираат среќна година, пишува Си-Ен-Ен травел.

Иако „туркањето“ овој пат траеше само 30 минути, многу од учесниците потоа беа изгребани, модри или со повредени зглобови, а во изминатите години беа забележани и смртни случаи.

Фестивалот постои веќе 500 години и всушност настанал од ритуал во кој мажите трагале по хартиени талисмани, кои ги дарувал поглаварот.