Голем одрон на патот Свети Николе – Миладиновци, сообраќајот пренасочен

57

На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци, 10 километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен на само една коловозна лента во должина од 150 метри. На местото е поставена соодветна сообраќајна сигнализација, а на учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно возење.

Како што соопшти АМСМ, сообраќајот на патниот правец Р1402 Струмица – Мокрино – Смолари кај Мокрински извори е во прекин поради нанос на коловозот и поплава. Екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.