Македонската ракометна репрезентација за првпат по 2013 година на едно Европско првенство ќе биде предводена од македонски селектор. „Црвено-жолтите“ ќе ги води Данило Брестовац, кој е прв македонски стручњак на клупата по Звонко Шундовски, кој последен пат ја водеше репрезентацијата во 2013 година. Брестовац беше асистент на поранешниот македонски селектор Ивица Обрван, каде заедно работеа и во францускиот Шамбери. Но, сега е друга приказна, откако беше назначен за кормилар на репрезентацијата почна драстично да ја подмладува. Тој почна да гради селекција која ќе игра заедно во наредната деценија, а неговата цел е да направи база на играчи и систем по кој тие ќе преминуваат од едно ниво на друго. На овие теми, како и за oчекувањата од претстојното ЕП зборуваше во интервју за дневниот весник ВЕЧЕР.

За еден месец почнува ЕП, Македонија е релативно во полесна група со Австрија, Чешка и Украина. Колку ова ни дозволува да се надеваме дека можеме да бидеме први во оваа група?

-Да зборуваме со факти. Талески, Кузмановски не играат веќе три-четири месеци. Талески има мала минутажа од 15 минути (секоја недела ги гледа), Кузмановски епизодно влегува во одбрана. Кире игра, бидејќи е сам на својата позиција, Гурбиндо е повреден и има поголема минутажа. Пешевски не игра стандардно, но има придонес за екипата, а Стоилов беше долго време повреден. Сите овие аргументи говорат дека не може да се залетаме и да кажеме дека ќе бидеме први во групата на ЕП. За мене најважен е првиот натпревар со Украина на 10 јануари и мора да се победи. Целта ни е да се помине првиот круг, затоа инсистирам на повеќе натпревари во подготвителниот период. Така ќе имаме доволен број на мечеви за да можеме да ги вратиме репрезентативците во натпреварувачки ритам. Најголеми проблеми имаме на позициите три и четири каде што претходно во одбрана играа Велко Маркоски со Аце Јоноски. Ние не создадовме барем приближно некој што ќе може да ги замени. Но, кога ќе ги анализираме другите репрезентации, нивните играчи во клубовите играат по 60 минути. Имаме големи дупки во создавање на играчите, сè уште сме во процес на создавање на силна репрезентација и сакаме да одиме на Олимпијада. Но, едно е кога правиме репрезентација на подолги патеки, а ако треба да бркаме Олимпијада, тогаш треба да повикам искусни играчи.

Дали ова значи дека и овој олимписки циклус ќе биде пропуштен?

-Ако ме прашате мене, ние секогаш сме биле далеку од Олимпијада, а притисокот за истата ни го уништи сонот веќе сега да имаме добра репрезентација. Со овие репрезентативци доцниме да бидеме добра репрезентација. Но, треба да бидеме свесни дека треба да ризикуваме нешто за да направиме подобра селекција што го наметнува прашањето за колку време ние би имале добра репрезентација. Тоа не можеш да го претпоставуваш. Може за две години, може за три. Но, тоа може да не биде со мене, туку со некој друг. Бидејќи ги знам сите добро, ми викаат зашто баш ти си добар избор. Бидејќи сум играл со сите, постојано сум со децава и сум единствен што ги знае карактерно и може да направи некоја фузија. Едноставно се нафатив да направам селекција, но малку ми пречи што сега бараат да бркаме квалификации за Олимпијада. Да се вратиме назад и да видиме што направија моите претходници (Лино и Раул). Тие беа поискусни и пак не успеаја да не однесат на Олимписки игри.

Ова првенство се игра со 24 репрезентации, само првите две одат понатаму. Дали промената на форматот значи и потежок пат до главната фаза?

-Претходниот систем беше многу полесен, три селекции одеа понатаму. Победата над Исланд на гости, нам ни ги отвори вратите да имаме полесни противници. Многу е важно што бевме први во групата, иако кога мене ме ставија за селектор немавме шанси за прво место. Ние пресметувавме како да бидеме најдобро третопласирана селекција, таков беше планот сè додека не заврши натпреварот со Исланд. За три часа од трето сакаме да бидеме прво, тоа малку е нереално. Поинаку е кога сите наши репрезентативци ќе играат по 60 минути во клубовите. Фактите не се на наша страна, сакам да бидам оптимист, секогаш сум оптимист, но треба да имаме база со повеќе играчи каде што секој од нив утре ќе трча да го види списокот дали е повикан, а не во изминатите десет години однапред знаеме кои 16 се на список. Секој мора да се бори за своето место во репрезентацијата.

Ако имаме добро првенство, ќе може да гледаме како растат младите играчи. Ние немаме нивна промоција, нема каде да ги видиме. Голем играч не се станува на натпревар Богданци – Радовиш. Ако немаме силна лига ќе немаме ниту силна репрезентација, вели селекторот Брестовац

-По одигрување на пријателските натпревари во неделата на ЕХФ рековте дека веќе имате јасна слика кој играч на која позиција може да даде најмногу. Дали ова значи дека веќе го имате оформено концептот на играта за ова ЕП?

-Нормално, но пак ќе кажам дека ми смета неиграњето на репрезентативците во клубовите. Во ракомет играме на полази, односно четири пет полази што ги играат во клубовите да се пресликааат во репрезентацијата и веќе е полесно, веќе сме воиграни. Дополнително ќе уфрлам уште два-три полази, не може да внесеш десет бидејќи сè ќе биде измешано. Затоа ги следам сите. Гледам што играат, како играат и се обидувам да најдам што им е заедничко и да додадам нешто ново по што ќе бидеме супер воиграна репрезентација на првенството. Затоа инсистирам да се тргнеме од тука уште на 2 јануари, никогаш не било така. Одиме во Словенија каде ќе бидеме во карантин, ќе имаме два тренинга дневно, имаме видеоанализи и да се договориме. Ќе играме два натпревара, а потоа тренинзите – зошто? Играме многу рано, бидејќи не знам што можат да дадат во моментов, да одиграме натпревар, да видиме каде грешиме, па да знаеме што да поправаме. Ако добро отвориме со овие млади играчи и забележиме две победи на стартот ќе можеме да направиме многу добри нешта на шампионатот. Погрешно е да правам притисок кај младите играчи, односно да ги терам да бркаат квалификации за Олимпијада, кои за мене се небитни. Многу е важно што ќе направиме сега, дали ќе оформиме тим, бидејќи во април треба да имаме селекција со која ќе се пласираме на Светско првенство.

Подолго време сте селектор, координатор на сите репрезентации. Колку тоа ви помогна во подмладувањето на репрезентацијата?

-Со генерацијата 2000 веќе сум од нивното формирање, три години. Тука имаше промени на натпреварување. Бев селектор и на генерацијата 98‘ со која го освоивме Б-првенството и според тоа требаше да одиме на ЕП во А-категорија. Во последен момент имаше промена, така што со генерацијата 2000 веќе загубивме едно првенство. Сега ќе се обидеме повторно со 2002 да дојдеме до тоа ЕП. Многу е битно и тие млади играчи да ги ловиме од кадетска репрезентација, веќе ги анализираме и ги терам и индивидуално сами да работат затоа што како што повеќе пати сум кажувал, македонскиот играч многу малку вложува во себе. Ќе дојде еден час на тренинг и потоа во кафуле. Нашиот играч не е научен да вложи нешто плус во себе, односно сам да влезе во теретана, масажа… Не сака никој да размислува за ракомет, тоа ни е во самата генетика, а и во создавање на играчот имаме дупки. Правев анализа, најдобрата македонска селекција, најдобриот успех го постигнаа во последната година од играњето заедно, бидејќи им треба време да сфатат што, како, зашто. Од секоја возрасна селекција да вадиме по три-четири играчи, ние би биле Франција. Мора да имаме стандарди кога бираме играчи за репрезентација. Но, не велам дека во првите две години ќе извадиме играчи кои ќе бидат од светски калибар, но ако како репрезентација размислуваме така, тогаш и клубовите ќе почнат да селектираат подобри и поголеми играчи.

Во нашите младински, па и во А-репрезентацијата не сме виделе некој 17-годишник да игра како врсник од Шведска, Исланд, Франција… Дали тоа се должи на поинаков тренажен процес или не работат доволно на себе?

Работев во Шамбери две години со Мелвин Ричардсон, Енгесан… Тогаш Мелвин дојде од вториот тим на Шамбери, но конкретно за кај нас системот на натпреварување не е добар. Ние треба да имаме осум тима да играат во двокружен систем, во кој ќе има многу квалитетни натпревари. Вардар и Еурофарм Работник мора да играат во македонското првенство. Тука се Металург, Пелистер и Охрид, а може и Бутел, кој има стабилен спонзор. Со осум екипи ние ќе имаме најдобро првенство на Балканот. Зошто ние да не го направиме да имаме најдобро првенство во регионот. Може да играат нашите клубови СЕХА и Лига на шампиони, но ќе си играат и домашно првенство, исто како Мешков и Веспрем. Не е исто кога младите играчи ќе одиграат четири меча со Вардар, едноставно ќе го подигнеме квалитетот на младите играчи. Ако имаме добро првенство ќе може да гледаме како растат младите играчи. Ние немаме нивна промоција, нема каде да ги видиме. Голем играч не се станува на натпревар Богданци – Радовиш. Но, многу е важен и системот на натпреварување. Ако немаме силна лига ќе немаме ниту силна репрезентација, ниту добри играчи.

Неодамна еден наш репрезентативец ни изјави дека повеќе се ценети надвор, отколку дома и затоа тежнееле да играат во странство. Кој е вашиот став по ова прашање?

Сакаат да играат во странство зашто ние немаме лига. Кој сака да остане да игра тука. Имаше странци што дојдоа да играат тука, но кога ја видоа лигата избегаа. Едноставно немаме лига и тимови, магнет кој ќе ги привлече да останат да играат тука. Ако играш четири пати во Битола каде има одлична атмосфера, после доаѓаш и играш со Вардар пред 3.000 публика, тогаш е многу подруго, но мора да се тргне од некаде. Треба да ја направиме лигата да биде силна, а тоа ќе ја направи и примамлива за гледање.

Извесен период имаме и Б-репрезентација, како течат работите со неа и што може да очекуваме во иднина?

Со неа бевме во Турција, а ќе одиме да одиграме и два натпревари со Кувајт на 24 и 25 декември и потоа одиме на Трофеј Карпати на 28 – 29 декември. Дел од играчите што се во странство ќе се приклучат на вториот дел од подготовките. Оние  играчите од Б-репрезентацијата што ќе се докажат ќе влезат во ростерот за избор за настап на првенството. Оваа селекција ќе продолжи со работа и ќе биде составена претежно од играчи кои играат во домашната лига и играчи кои играат во странство, а не ни се достапни да ги гледаме. Имаме играчи кои не ни се на радар, а играат добро и во добри екипи и заслужуваат да добијат шанса.

Нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров е на залезот од кариерата. Кој од подмладокот може да биде негова достојна замена?

-Имаме неколку играчи кои можат да бидат добри на оваа позиција. Мартин Велковски – 97 годиште, Томислав Јагуриновски 98, Мартин Серефаимов 2000, како и Давид Славевски 2002. Последниот е одличен талент и ги има сите предиспозиции да го замени Кире. Освен тоа игра и во одбрана што е многу важно. Но една друга работа да кажам, пред Кире беше Пепи на левата страна. Не треба да тежнееме на десната страна, може од левата страна ќе преземат Кузмановски и Талески кои имаат предиспозиции но треба да го докажат тоа. Не е битно од која страна, важно е само да се појави некој нов Пепи и Кире, а од друга страна нашиве простори секогаш вадат некој голем талент. Учествата на големи натпреварувања сигурно ќе извади некој што ќе биде водич на репрезентацијата во иднина.

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: П.Стојановски