Морските биолози, околу Соломонските Острови откриле еден вид желка која свети во темнина и има невообичаена способност за биофлуоресценција, односно емитување светлина во различни бои, како што се зелената и црвената.

Биофлуоресценцијата се проучува само десетина години, а откривањето на желка со клун на јастреб на Соломонските Острови е прва од ваков вид, пренесува “Соломон тајмс”.

Тимот на биолози не знае со сигурност зошто желките ја поседуваат оваа уникатна способност, но се знае дека другите видови ја користат за комуникација помеѓу себе или за камуфлажа.

Морскиот биолог Александар Гаос вели дека коралите често имаат биофлуоресценција, така што е можно желките да ја поседуваат истата оваа способност за да се вклопат во околината. Наредниот чекор во разбирање на другите нивни способности е да се проучат очите на желката која свети во темнина за да се утврди дали тие всушност ги гледаат флуоресцентните бои кои ги емитуваат.

Тимот на биолози, исто така, ќе ја испитува хемиската реакција кај желките за да утврдат што ја предизвикува флуоресценцијата.

Ова единствено откритие лесно може да доведе до големи откритија кај други животни кои имаат непознати способности, наведува “Соломон тајмс”.