Големите бугарски партии до последен ден чекаа за регистрација за изборите на 11 јули 

36

Во Бугарија денеска заврши рокот за регистрација на бугарските партии и коалиции за учество на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 јули.

Коалицијата ГЕРБ-УДФ го чекаше последниот ден од регистрацијата за до ЦИК да достави 9.999 потписи. Заменик претседателот на партијата, Даниел Митов, уверува дека и на овие избори тие ќе одат на победа.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, цитирајќи го Митов при влегувањето во Централната изборна комисија, по изборите нема да има забранети коалиции и ГЕРБ ќе се обиде да формира влада.

-Уверени сме дека бугарските граѓани уште еднаш ќе ни дадат најголема доверба меѓу сите други политички партии во Бугарија, рече Митов и притоа го обвини бугарскиот претседател, Румен Радев, дека привремениот кабинет станал негов предизборен штаб.

И коалицијата „БСП за Бугарија“, исто така, денеска се регистрира во ЦИК, поднесувајќи 10.000 потписи. Лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, соопшти дека коалицијата тргнува на пат кон победа и изрази надеж дека големото левичарско обединување ќе се темели на политиките на партиите.

Документи во ЦИК денеска поднесе и “Демократска Бугарија”. Претседателот на партијата, Христо Иванов, изјави дека очекува да продолжи трендот на проширување на влијанието на „Демократска Бугарија“ и дека тие веќе имаат визија за постизборните можности за управување со Бугарија.