Првиот човек на УФЦ, Дана Вајт, неодамна привлече внимание со изјавата дека Хабиб Нурмагомедов може да се врати од пензија.

По победата над Џастин Гејчи, Дагестанецот уште во рингот истакна дека се повлекува од УФЦ, поради ветување кое му го дал на својот покоен татко. Иако се уште е цврст на тој став, сепак Вајт верува дека Хабиб ќе се врати, и тоа за брзо време.

  • Ако треба да се обложувам, а јас постојано се обложувам, тоа би било на неговото враќање во октагонот. Така да, мислам дека ќе се врати наскоро, изјави Вајт за „ТМЗ“.

Но, по оваа изјава на Вајт, одговор пристигна и од Нурмагомедов.

  • Дана Вајт и другите промотори ќе продолжат да зборуваат. Парите и големите настани им се најважни, но мојата одлука е конечна. Не размислувам воопшто за борба. Следната година ќе завршам економски факултет, планирам да дипломирам. Купив овци, сакам да да напредувам и во таа гранка. Јас веќе имам бикови и крави, им одговори Хабиб на студентите во Дербент.

Нурмагомедов ја заврши кариерата без пораз, со 29 победи, а неодамна неговиот менаџер Али Абделазиз напиша „30-0“ на Твитер. Тој навести потенцијално враќање на Хабиб во октагонот, но засега Дагестанецот одбива да прифати.