Шампионот во НБА, Голден Стејт е само на победа од освојување на титулата во Западната конференција за петта година по ред. „Воините“ поведоа со 3:0 во серијата против Портланд откако постигнаа успех со 110:99 како гостин.

Кошаркарите од Оукленд заостануваа со 18 поени непосредно пред одморот, но предводени од Стеф Кари, кој заврши со 36 поени, успеаја да направат пресврт во второто полувреме, за да се доближат максимално до место во спорот за титулата.
Покрај тоа, статистиката е целосно во нивна корист, бидејќи досега во историјата на НБА никогаш тим, кој заостанувал со 0:3, не успеал да ја освои серијата.

Третиот дел, кој го освои Голден Стејт со 29:13, беше пресвртница за исходот на мечот.

Дрејмонд Грин, кој постигна „трипл-дабл“ од 20 поени, 13 скокови и 12 асистенции, забележа многу силен меч за победниците. Клеј Томпсон додаде 19 поени за успехот, а гостите беа поддржани од силната игра на нивните резерви, кои придонесоа со вкупно 33 поени.

Единствениот проблем пред тренерот Стив Кър се покажа повредата на Андре Игудала, кој го напушти теренот во третата четвртина со повреда на ногата. Засега, сепак, не е јасно колку е сериозна повредата.

За Портланд, Си Џеј МекКалум постигна 23 поени. Лидерот на домаќините, Демијан Лилард остана на 19 поени, а со 16 заврши центарот Маерс Леонард.

По натпреварот од штабот на Портланд објавија дека Лилард играл со скршени ребра откако добил повреда во вториот натпревар од серијата.

Четвртиот меч е повторно во Портланд, во ноќта меѓу понеделник и вторник.