Афродита Серафимовска е скопјанка која живее во Холандија. Во родниот град има своја куќа, но кога си доаѓа дома мора да изнајми стан. Пристапот до куќата во која се родила и ја наследила од мајка си, пред повеќе од една година и го оневозможило непознато лице, кое на околу 1.000 квадрати во нејзиниот двор на улица „Дижонска број 11“, во општината Чаир, изградило куќа. Таа вели дека досега се обратила за помош во сите институции на државата, па како државјанка на Холандија и во амбасадата на таа земја во Скопје, но решение засега нема.

Она што видно вознемирена и разочарана за весникот „Вечер“ го раскажа Афродита почнало лани летото со порака на „Вибер“ од соседот Албанец од „Дижонска“. Тој прв ја информирал дека нешто се случува во нејзиниот двор и ѝ испратил слика на која се гледа багер во него.

-Бев шокирана. Веднаш дојдов во Скопје и се обратив во општината. Градежниот инспектор прво ми рече дека се работи за дивоградба и дека ќе се урива, ми покажа решение за уривање, но не сакаше да ми даде копија од него. Два  дена подоцна ми рече дека градоначалникот рекол дека можеме каде сакаме да пријавиме, но објектот нема да се урива. Тогаш имаше само темели, но и покрај судската забрана по мојата пријава, сега е веќе изграден целиот објект и во него живеат непознати луѓе. Куќата е долга, приземна, но има плоча и ми се чини дека само се чека работите да стивнат, па да се извади покривот и да се надградат повеќе катови. Инаку, од Општината ме информираа според ДУП во мојот двор има маркичка за зграда, раскажува Афродита и додава дека за дворното место поднела барање за приватизација, кое Општината сè уште не го решила.

Според она што го видела Афродита на самото место, оној кој ја градел куќата во дворот, очигледно бил многу дрзок. Околу нејзината куќа била поставена нова ограда со која значително бил намален дворот, а металната капија, која ја памети целиот живот, како единствен влез и излез од куќата, била извадена и ставена нова на друго место и заклучена. Со тоа ú бил оневозможен влезот во сопствениот дом, кој ако сака да го види треба да оди преку дворот на соседот. Поради тоа во последнава речиси една ипол година влегла во куќата само на неколку минути заедно со судија.

-Во таа куќа сум родена, таму живееја моите баба, дедо и мајка. За мене таа има голема важност. Ќе одам до крај иако сум разочарана од тоа како во Македонија функционира правниот систем. Досега имам пријавено секаде. Бев во Државниот градежен инспекторат каде што и рекоа дека им се врзани рацете зашто ингеренциите се во општината. Пријавив и во Јавното обвинителство, во Министерство за правда, во Хелсиншкиот комитет, во Холандската амбасада и на многу други места. Сите велат дека не се надлежни. Од Холандската амбасада се обратија до градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, а тој им рече дека проблем е тендерот за избор на фирма која ќе го изврши уривањето, појаснува Афродита.

Таа сега има намера да се обрати и до Судот за човекови права во Стразбур, но и до холандскиот крал, зашто, како што вели, еднаш, кога за нешто друго ѝ пишала на тогашната кралица, веднаш добила одговор од неа.

Афродита никако да дознае кој „се послужил“ со нејзиниот двор. На „Фејсбук“ видела фотографии на луѓе качени на покривот во изградба со развеано албанско знаме. Во куќата живее семејство, а пред неа секогаш е паркирано такси возило, па помислила дека можеби сопственикот е таксист. Сепак, дрскоста со која ѝ е узурпиран дворот, а со тоа и родната куќа и немањето решение повеќе од една година ѝзборуваат дека зад овој објект може да стои некој моќник од општината.

Таа потенцира дека од општината не кријат дека куќата изградена во нејзиниот двор е дивоградба. Како таква, приклучена е на водоводот, струјата и канализацијата на нејзината куќа, а сметката за вода што ја направиле сопствениците на дивоградбата на нејзино име била четири илјади евра. Од водовод побарале прво да плати, па да се исклучи водата. Таа се сомнева дека отпорот што го даваат од општината е со цел некој да дојде и до нејзината куќа.

Советникот на градоначалникот Ганиу во една пригода ме повика да дојдам во општината и да се договорам со тие непознати луѓе. Што имам јас со нив? Мое мислење е дека сакаат да ме натераат ним да им ја продадам мојата куќа, зашто има градежна маркичка. Но, јас не се откажувам. Повеќе од една година талкам по институциите и тоа финансиски многу ме чини, но нема да се откажам. Работам во Холандија и не можам често да доаѓам тука и да плаќам адвокат. Кога ќе дојдам изнајмувам стан и при моја куќа плаќам по 25 евра од ноќ, исто така, плаќам авионски билети и што уште не. Мислам дека досега потрошив околу 30.000 евра, но подготвена сум да потрошам уште толку за да ја добијам правдата, истакнува Афродита и додава дека со нејзината борба сака и да ги охрабри македонските граѓани да бидат храбри и да не се откажуваат од битката за правда.

Таа вели дека ако продолжи вака ќе дојде ден кога ќе ја тужи и општината и државата, а цехот тогаш ќе го плати народот.

Колку што вреди куќата, толку сум потрошила до сега, но не се откажувам, зашто за неа ме врзуваат емоции, тоа ми е мајковина, таму сум пораснала и некој насилнички да ми ја земе…? Во Холандија ги следам настаните во Македонија и го знам случајот со луѓето кои живееја под мост. Подготвена сум на такви луѓе да ја дадам куќата, само да можам кога ќе дојдам од Холандија да си влезам во своја куќа. Но, ова што ми се случува е жално и страшно, низ солзи вели Афродита.

Таа ги повикува претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да кажат каде е правдата во државата и ветингот за кој толку многу зборуваат, зашто во нејзиниот случај ги нема.

Можност да ја претстави својата страна од вистината и дадовме и на општината Чаир. Преку општинскиот портпарол по мејл побаравме одговор на прашањата чија е куќата изградена во дворот на Афродита Серафимовска, дали е точно дека е дивоградба и дали Општината ќе преземе нешто со оглед на тоа што случајот е стар повеќе од една година. Оттаму до затворањето на весникот не добивме никаков одговор.

(С.В.)