„Годови“ – проект-сведоштво за растот и развојот на „Охридско лето“

229

Проектот „Годови“ во рамките на програмата на “Охридско лето“ вчеравечер пред присутните донесе прекрасна приказна за соработката помеѓу фестивалот и Македонската телевизија.

Според познатиот музиколог Викица Костоска –Пенева, која беше и еден модераторите на вечерта, станува збор за колаж од снимени фрагменти од концерти и изјави и личности кои се вградиле во развојот на овој најреномиран фестивал во регионот. “Тоа е своевидно навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и сеќавање на многу личности кои со своето делување биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот, а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската Телевизија. Со овој настан се збогатува програмата на „Охридско лето“, преку телевизиските фрагменти ги приближуваме некои од најзначајните концертни остварувања од минатото до фестивалската публика и откриваме еден мал дел од вкрстувањата помеѓу двете институции кои повеќе од 50 години непрекинато траат и се надградуваат“, рече Костоска-Пенева.

Модераторот Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија и научен истражувач во областа на музиката и телевизијата истакна дека ова е приказна за уникатните вредности, за вложениот труд, енергија, посветеност и љубов, приказна за гордоста и традицијата чии годови започнаа да се формираат уште во далечната 1964 година.

“Македонската телевизија низ годините на своето постоење го потврдува значењето во изградбата на визуелнато македонско културно наследство. Со сопствена програма започнува уште во 1961. Првите музички емисии се емитуваат во живо, а првите архивирани музички емисии во продукција на МТВ датираат од 1964. Во оваа година снимени се две музички емисии, едната со наслов ,,Музичко интермецо“, а другата Концерт на дувачкиот квинтет ,,Гевандхаус“ од ДДР од фестивалот “Охридско лето“. И оттогаш под питомите погледи на светците во Света Софија, телевизиските камери ќе ги снимаат врвните светски музички имиња возвишувајќи го Охрид во крстопат и хармонична лулка на добро организирани збиднувања. До крајот на 60-те години од минатиот век МТВ ќе сними 21 музичка емисија од кои 14 се емисии од фестивалот“, појасни Малјановска.

Според директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, соработката која трае повеќе од 50 години, придонесува за успешното одвивање на манифестацијата, но и за градење на уметничкиот квалитет на „Охридско лето“.

“Она што за нас е посебно важно е богатата архива што ја поседува Македонската радио телевизија со која остануваат како траен белег сите врвни концерти и сите звучни имиња кои настапиле на фестивалската сцена“, рече Поповиќ.

Поповиќ најави дека ќе се направат напори, фестивалската хроника што ја има снимено МТВ низ децениите наназад, да добие дигитализирана форма и да остане како трајно сведоштво за почетоците,  растот и развојот на фестивалот.

Македонската телевизија брои близу 500 емисии со содржини од фестивалот „Охридско лето“. Проектот „Годови“ е инспириран од истоимениот документарен филм посветен на „Охридско лето“, а подготвен од новинарска екипа во 2000-та година. Публиката на „Охридско лето“ заеравечер имаше можност да ужива во куси извадоци од концерти на врвни светски уметници кои во изминатите децении со својот настап оставиле силен печат врз фестивалот како што се Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Игор Ојстрах, Стефан Миленковиќ, Симон Трпчески, Георги Божиков и други.