Годинава ќе стартува изградбата на делници во вкупна должина од 120 километри 

Италијанската ИРД инжинеринг со која вчера беше потпишан договор, во име на Управувачкиот комитет на Владата ќе преговара со „Бехтел и Енка“, а следна фаза е потпишување на договорот за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри), потоа Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар ( 27  километри). Од Коридорот 10-Д е опфатена делницата Прилеп - Битола (43,4 километри). Во мандатот на оваа Влада се изградени и обновени 1.300 километри патишта во вредност од над милијарда евра

75

Денеска беше потпишан договор со италијанската ИРД инжинеринг, компанијата која е избрана за надзор и правен трансакциски советник за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а чиј почеток се планира оваа година.

ИРД во име на Управувачкиот комитет на Владата ќе преговара со „Бехтел и Енка“, а следна фаза е потпишување на договорот за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри), потоа Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар ( 27  километри). Од Коридорот 10-Д е опфатена делницата Прилеп – Битола (43,4 километри).

– Заедно со нашите локални партнери во овој проект ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ. Немам сомнеж дека го имаме потребното знаење и експертиза за да обезбедиме највисоко ниво за надзорни услуги и да го завршиме проектот навреме и со висок квалитет – рече  Паоло Орсини, директор во ИРД инженеринг кој го потпиша договорот со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, кој е и претседател на Управувачкиот комитет за проектот,  истакнаа дека со овие активности се овозможува изградба на најголемиот капитален инфраструктурен проект во историјата на државата кој е од големо значење за граѓаните и за државата.

Груби најави дека Управувачкиот комитет денеска во 11.30 часот ќе одржи седница на која ќе се донесе одлуката за почнување на преговорите. Потенцираше дека се заокружуваат подготвителните активности и оти на оваа активност се чекало година и половина.

– Проектот ќе ни обезбеди модерно и брзо поврзување со регионот но и модернизиирање на инфраструктурата дома – рече Ковачевски.

Тој истакна дека автопатските делници се во приоритетите на Владата на кои ќе се фокусираат и годинава, откако лани, како што рече, и во услови на криза успеавме да оствариме највиоска реалзиација на капитални инвестици во износ од 465 милиони евра. Во мандатот на оваа Влада биле изградени и обновени 1.300 километри патишта во вредност од над милијарда евра, а се осврна и на тековните инфраструктурни проекти.

– Во моментов активно тече изградбата на автопати во должина од 59 километри. Динамиката на изградба на делницата од Кичево до Охрид е навистина забрзана  и веќе 75 проценти од патот се завршени откако беа отстранети сите пречки што беа наслдени. Во тек е реализација на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце, каде се завршени 79 проценти од работите, а се подготвуваат работите за изградба на автопатите коо се предмет на овој договор на Коридорот и Коридорот 10-Д  – рече Ковачевски.

Владата минатата година потпиша меморандум за соработка со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект. ИРД инжинеринг беше избрана за надзор и правен трансакциски советник за овој проект на вториот тендер што за таа намена го спроведе ЈП за државни патишта, откако избраната компанија на првиот повик не ја достави потребната банкарска гаранција.

ЈП за државни патишта минатата година ја заврши со 150 милиони евра капитални инвестиции во патната инфраструктура. Оттаму најавуваат дека во 2023 година сe продолжува со посилно темпо – за инвестиции се планирани 486 милиони евра, со што оттаму се надеваат дека проектираниот буџет ќе биде доволен за остварување на целите од Годишната програма.      

(С.Бл.)