Ново задолжување на државата со еврообврзница од половина милијарда евра планира Министерството за финансии за оваа година. Ова може да се види преку користење на новата алатка за јавниот долг презентирана денеска во Владата, а која е всушност надградба на порталот „отворени финансии“ и дава голем број информации во врска со јавниот долг.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека новата еврообврзница нема да се емитува пред изборите, но дека се следи состојбата на меѓународните пазари за да се одреди најповолниот тајминг и начин за враќање на старите долгови кои изнесуваат 440 милиони евра.

Освен за новото задолжување, алатката дава увид во податоците за сите досега издадени еврообврзници, со сума и каматна стапка, како и кога доспеваат за отплата.

–Ако кликнеме на отплатите на еврообврзниците ги имаме сите обврзници како што доспеале или доспеваат за наплата. Годинава, во 2021, 2023 и 2025 година доспеваат за отплата еврообврзници во вкупна вредност од една милијарда и 628 милиони евра, рече Ангеловска.

Преку алатката може да се види дека јавниот долг на државата лани бил 48,9 проценти од БДП. Од тоа 41,2 процента се државен долг, а останатите 8,7 отсто се долг на јавните претпријатија и акционерски друштва кои се под капата на државата или општините. Овие податоци според министерката Ангеловска се лесно достапни за сите граѓани во првиот дел од платформата.

Во вториот дел е прикажано движењето на јавниот долг низ годините.

-Може да се види дека во последните три години јавниот долг е стабилизиран, за разлика од периодот од 2008 до 2016 година кога се зголемува за 23 проценти, рече Ангеловска.

Таа искоментира дека ако тоа зголемување на јавниот долг се употребело за раст, развој и фискална мултипликација, би можеле да имаме раст на БДП над пет проценти.

-Треба да имаме предвид каде се вложуваат средствата што се земаат. Карикирање со бројки е лесно. Податоците покажуваат дека има години наназад кога растел долгот по 700-800 милиони евра. Домашното задолжување имало по 400 милини евра, сега е 200 милиони евра, рече Ангеловска

За зголемувањето на долгот во последните три години појасни дека се должи пред се на задолжувањето за гасоводот од 55 милиони евра, за автопатот Кичево-Охрид од 120 милиони евра, за автопатот Миладиновци-Штип од 76 милиони евра и на уште неколку покрупни инвестициски зафати.

Податоците за движењето на јавниот долг во текот на оваа година, односно за задолжувањата и раздолжувањата дома и во странство се во третиот дел од платформата. Нов податок пласиран во тој дел е оној за задолжувањето и раздолжувањето на јавните претпријатија. Се планира оваа година да заврши со јавен долг од 50,4 проценти од БДП, што претставува раст од 1,5 проценти.

Четвртиот дел содржи податоци за задолжување на државата со хартии од вредност, кои почнаа да се издаваат во 2004 година, а сега најразвиен е пазарот со 12 месечните.

-Буџетот е во одлична кондиција, има одлична ликвидност и реализација во првиот месец, рече Ангеловска, додавајќи дека планираното задолжување за годинава од 600 милиони евра е за раздолжување и за покривање на буџетскиот дефицит.

Според неа новата алатка ќе помогне јавноста да ги има сите информации за да направи целосна слика за нештата. Податоците, како што рече, се покажани на едноставен и разбирлив начин за пошироката јавност, а алатката има и едукативен дел.

Платформата е достапна на македонски, англиски и албански јазик, а податоците ќе се обновуваат на месечно и тримесечно ниво.

(С.В.)