Граѓани од повеќе делови од Скопје реагираат дека глутници кучиња шетаат и трчаат по автомобили, агресивни се и ги напаѓаат луѓето. Така, автомобилот на жител од Ново Лисиче е жртва на блиска средба со агресивни кучиња скитници. Тој се пожали дека додека возел со автомобилот кај Реонски центар, глутница од десетина кучиња, трчајќи и лаејќи трчала по неговиот автомобил.

– Автомобилот ми беше изгребан, а гумата дупната, најверојатно од гризењето на кучињата. Опасно е така да шетаат кучиња скитници и да напаѓаат луѓе. Надлежните институции треба да преземат мерки за да се спречи ова – реагираше граѓанинот кој сакаше да остане анонимен.

Ставре Тадим Димитров од населеното место Бардовци, пак, телефонски се јави до нашата редакција за да го раскаже проблемот со кучката во нивното маало која постојано ги демнела луѓето кај конакот, на последната постојка на автобусот со број 21.

– Со години се случува иста приказна. Станува збор за кучка која е агресивна и постојано лае. Никој од моето семејство, но и од другите жители не можат да поминат без страв. До сега, фалу богу не нападнала, но сите стравуваат од неа, бидејќи не се знае како може да реагира. Кога се симнуваат луѓето од автобус, лае по нив. Младите што остануваат до доцна се плашат од неа – ја раскажа Димитров својата мака.

Тој се обратил до јавното претпријатие „Комунална хигиена“, но од таму го препратиле во Градот, дури и до депонијата „Дрисла“. И до сега никој не го решил овој проблем.

И Димитров бара надлежните да го решат овој проблем, бидејќи кога ќе се случи некој да настрада ќе биде доцна, а сè почесто се случува граѓаните да бидат каснати од куче.

– Во населбата „Ченто“, постојано се собира глутница кучиња во паркот, веднаш до маркетот „Тинекс“. Тие трчаат по автомобилите, па и по оние што возат велосипеди. Луѓето се плашат. До сега никој не презел ништо, а кучињата се постојано таму и претставуваат опасност – вели жител од населбата.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ признаваат дека состојбата со бездомните кучиња во градот е алармантна.

– Сериозно зголемената бројка на нови животни на улиците е резултат на застој на процесот на стерилизација на бездомните животни од февруари годинава. Од страна на надлежните на Град Скопје не е понудена никаква друга алтернатива за примена на програмата. Ваквата состојба се должи и на немањето на градска стратегија за промоција/обезбедување на одговорното сопствеништво и последователно, несанкционирање на напуштањето и неконтролираното размножување на миленици – потенцираат од „Анима мунди“.

Оттаму потенцираат дека Градот мора да најде решение за конечно справување со проблемот кој е продлабочен и колективно ги засега и граѓаните и животните.

– Уште од февруари Град Скопје најави отворање на ново наменско јавно претпријатие за третман на бездомните животни и почна со процес на реконструкција на стационарот „Вардариште“, при што, истиот го затвори. Од тогаш Градот не понуди никаква друга можност за непречен тек на програмите за хумана контрола на бездомните животни, т.е. нивна масовна стерилизација, вакцинација, обележување, враќање на територијата на која се заловени и евентуално вдомување. Работењето на новото јавно претпријатие „Лајка“, како и стационарот ги проби најавените временски рокови и исклучително се оддолжи, а отсуството на стратегија и механизам при градската администрација за третирање/контрола/справување на проблемот со прекубројноста на кучињата  евидентно кулминира. За тоа ни сведочат граѓаните, бројни глетки на новоформирани глутници, појавата на масовни труења, како и бројка на напади од бездомни кучиња за кои законот предвидува парични отштети и до 120.000 денари кои ги исплаќа градот на оштетеното лице – истакнаа од „Анима мунди“.

Од ова Здружение сметаат дека секој кој знае и умее да помогне да се реши проблемот со уличните кучиња.

– Да се воспостави привремена соработка со здруженијата за заштита на животни, граѓаните – „старатели“ на бездомни животни (оние кои волонтерски, со сопствени ресурси се грижат за локалните миленици, ги хранат, вакцинираат, стерилизираат, помагаат на градот), сите ветеринарни амбуланти на територија на Град Скопје и да се примени систем на дистрибуирање ваучери за бесплатна стерилизација во домен на градот што е најбрз, економски исплатлив и најлесен за имплементација. Овој начин ќе обезбеди голем фронт на објекти за интервенции, а со тоа и голем број на хируршки интервенции – сметаат од Здружението.

Поради порастот на популацијата на улични кучиња од „Анима мунди“ препорачуваат 70 проценти од кучињата во одредено географско подрачје да се стерилизираат/кастрираат во рок од 6 месеци.

– Ова гарантира минимална и контролирана бројка на напуштени кучиња на јавните места кои ја штитат локацијата од прилив на нови единки (непознати на населението, репродуктивно способни), со што се избегнуваат непријатностите и потешките последици за граѓаните и самите животни – потенцираат од „Анима Мунди“ .

Од Град Скопје потсетија дека почнати се активности оваа појава да се стави под контрола.

– Стационарот „Вардариште“ прејде од надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“ кое во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните – децидни се од Градот.

Во однос на стационарот „Вардариште“, градските власти информираа дека периодов започнала целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи.

– Тие ќе бидат комплетно заменети со нови посовремени стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма – одговорија градските власти.

Од Градот велат дека работат и на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, а воедно да се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на таканареченото „неодговорно сопствеништво“.

– Агенцијата за храна и ветерина во голема акција, заклучно 31.3.2019 година, исчипира бесплатно 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на Регистарот на миленици – информираа градските власти.

Што се однесува на оштетувања или напади од кучиња скитници, од Градот упатуваат дека граѓаните можат да поведат приватна судска постапка.

На Инфективна помош побарале 621 пациент каснат од куче

Од Клиниката за инфективни болести информираа дека од почетокот на годината до сега 621 пациент амбулантски се прегледани од каснување од куче, со тоа што 66 од нив биле хоспитализирани поради тоа што имале потреба да бидат заштитени, како на пример, не можело да се најде кучето.

– Секогаш кога некој ќе го касне куче мора да се јави најпрво во хируршка амбуланта за да се згрижи и обработи раната. Потоа, треба да се јави на Клиниката за инфективни болести за да се види дали имаат потреба да примат вакцина – серум против беснило и тетанус. Доколку кучето е познато, пациентот се задолжува да донесе потврда дека тоа е прегледано од ветеринар, по што ќе се утврди дали има потреба да прими вакцина – серум против беснило и на тој начин да се заштити – објасни примариус д-р. Жаклина Шопова, од Клиниката за инфективни болести при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Таа истакна дека генерално во Скопје случаите се кога кучињата се познати, но доколку не може да се најде, во тој случај веднаш се започнува со т.н. постекспозициска вакцина и серо профилакса за беснило.

(А.П.)