Корејскиот тенисер Дак хи Ли влезе во историјата, откако стана првиот глув играч кој успеал да стигне до победа на натпревар на АТП турнир. Тој на турнирот во Винстон Селем во првото коло го совлада Швајцарецот Хенри Лаксонен со 7:6, 6:1. По турнирот 21-годишникот имаше емотивна изјава во која кажа дека како млад бил исмејуван поради хендикепот, но дека со победата успеал да им ја затвори устата на сите кои не верувале во него.

-Луѓето ме исмејуваа поради мојот хендикеп и ми говореа дека не треба да играм тенис. Дефинитивно беше тешко, но моето семејство и пријателите ми помогнаа сето тоа да го пребродам. Сакав на сите да им покажам дека можам. Мојата порака е – ако работиш напорно, можеш да постигнеш се, изјави Ли, кој во второто коло ќе игра против Хуберт Хуркач.

Заради хендикепот воопшто не му било лесно. Не може да го слушне линискиот судија, ниту пак главниот судија кој го кажува резултатот, мора да користи гестикулации со цел да не се збуни. Освен тоа не го слуша ниту звукот на топчето.

Надвор од теренот исто така имаше потешкотии и му беше потребна помош за да ги разбере прашањата на новинарите. Тој не го знае знаковниот јазик и научил да чита од уста јужнокорејски уште додека бил дете, а неговиот начин на комуникација е тешко да го разберат и Корејците. По првата победа неговата вереница помагаше околу преводот.

-И реков дека ќе дадам се од себе и дека ќе се обидам да останам концентриран и успеав да победам, задоволно изјави Ли.