Глас на Америка: ОН се загрижени поради инцидентите со величање воени злосторства во Србија и БиХ

34

Високиот комесаријат за човекови права при ОН изрази длабока загриженост поради неодамнешните инциденти во Босна и Херцеговина и Србија, каде што се видени поединци како величаат „злосторства и осудени воени злосторници, напаѓаат одредени заедници со говор на омраза, а во некои случаи директно поттикнуваат насилство“, пренесе синоќа Гласот на Америка (ВоА).

Изјавата се однесува на инциденти што се случиле на повеќе локации во Република Српска, меѓу кои Бјелина, Приједор, Фоча, Гацко, Вишеград и Брчко, како и во Прибој и Нови Пазар во Србија.

ОН предупредуваат дека постои страв и ризик ваквите дејствија да продолжат да се случуваат и да се интензивираат во текот на 2022 година, кога ќе се одржуваат избори и во Србија и во БиХ.

Алис Ваириму Ндериту, специјална советничка за спречување на геноцид, изрази слична загриженост и вознемиреност поради тоа што инцидентите биле насочени кон одделни заедници врз основа на етнички или верски идентитет.

Ваириму Ндериту го повтори својот апел до сите на одговорни позиции да работат на градење доверба и иднина во која нема да има простор за негирање на геноцидот, војната и злосторствата против човештвото.