Главната опозиционерка во Белорусија се соочува со 12 години затвор

59

Белоруското обвинителство побара 12 години затвор за Марија Колесникова, една од главните лидери на опозициското движење во земјата, објави Еуроњус.

Таа е обвинета за заговор за соборување на авторитарниот режим на претседателот Александар Лукашенко.

Случајот против 39-годишната Колесникова, кој започна на почетокот на август, доаѓа по неколкумесечна политичка репресија во Белорусија. Илјадници противници на режимот беа уапсени и приведени по контроверзните претседателски избори минатата година, кога Лукашенко освои нов мандат.

Веќе 11 месеци опозиционерката се наоѓа во притвор. На неа и се суди заедно со нејзиниот поранешен адвокат Максим Знак.

– На Колесникова и Знак им се заканува затворска казна до 12 години. Случајот денеска беше разгледуван зад затворени врати, а обвинителот во случајот официјално побара казна од 12 години, се наведува во соопштението од прес-службата на опозицискиот политичар Виктор Бабарико, за кого работеа Колесникова и Знак. Бабарико беше осуден на 14 години затвор во јули.

Колесникова беше уапсена во септември откако се спротивстави на обидите на властите да ја протераат од земјата.

Се очекува пресудата да биде донесена на 6 септември.