За секој спортист настапот на олимписките игри е воедно и остварување на сонот, особено ако од нив се освои и некој медал! Тоа посебно значи за земјите кои секогаш биле далеку од Олимпијадите, како нашата земја која со години испраќа по неколку спортисти пред се со вајлд-карта, а последна радост ни донесе таеквондистот Дејан Георгиевски, кој на Летните олимписки игри во Пекинг освои сребрен медал.

Следното лето доаѓа нова Олимпијада, онаа во Париз, а малкумина се спортистите кои можат да се пофалат дека се натпреварувале на Зимска и Летна олимпијада. Таков случај овој пат ни доаѓа од Романија, која треба да ја добие првата спортистка која може да се пофали со овој подвиг.

Станува збор за Александра Јанкулеску (31), спортистка која поголемиот дел од животот го поминала во Канада. На ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година ја претставуваше Романија во брзо лизгање, а сега сака да се испроба и како велосипедистка на Летните игри. Започна со натпревари и подготовки, но трошоците се големи, па покрај тренинзите, кариерата ја турка благодарение на парите кои ги заработува од „Only fans“, познатата страна со содржини за возрасни, каде што  корисниците плаќаат за експлицитни содржини.

  • Прво ми требаше еден месец да видам како ќе оди сето тоа, а потоа видов дека е лудо. Не можев да верувам, си реков: „Чекај, навистина некој ќе го плати ова?“. Го сакам своето тело, дефинитивно би објавила фотографии. Решив да си дадам шанса. Не сакав да ме гледаат како личност која е позната само по тоа што е спортистка која се труди и се школува, зборувам неколку јазици и сето тоа, но… По еден месец животот ми се промени. Денеска плаќам комуналии од тоа, кирија и трошоци за тренинзи, истакна Јанкулеску.