Гир: ЕУ потроши милиони за владеење на правото, нè разочаравте!

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир упати критики до македонските власти дека Унијата потрошила милиони за владеењето на правото во земјава, но резултатите се разочарувачки. Гир порача дека Брисел и граѓаните со право очекуваат резултати и ургентно се потребни реформи во овој сектор. Пред две недели и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, го критикуваше изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Агелер изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата и потенцираше дека таа и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, пак, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК.

97

Европската Унија потроши милиони за владеењето на правото во Македонија, но резултатите се разочарувачки, реагираше денеска амбасадорот на Унијата во земјава, Дејвид Гир. Во обраќање на Петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК), Гир порача дека ургентно се потребни реформи во овој сектор и дека успехот или неуспехот на амбициозната цел за членство на Македонија во ЕУ до 2030 година, зависи од домашните залагања на Владата и Собранието.

-ЕУ потроши милиони во овој сектор. Ние и граѓаните со право треба да очекуваме дека тоа ќе генерира резултати. Да, но тоа не е доволно, а настаните во изминатите месеци беа многу разочарувачки. Постои потреба повторно да се заложиме за реформите. Владата го предводи овој процес, меѓутоа и Парламентот треба да ги следи во ова. Реформите се неопходни и тоа ургентно. Имаме одговорност да покажеме професионализам што го очекува јавноста преку судскиот совет, преку правосудните органи за затоа што ЕУ ќе го следи овој процес од првиот ден до денот на пристапувањето, рече Гир.

Евроамбасадорот посочи дека истото се однесува и за корупцијата и праша зошто препораките на ДКСК не се проследуваат систематски.

-Дали имаме причини да бидеме оптимисти. Емпатично кажано – да. Патот на земјата напред е тежок, но веќе сте напреднале во реформи во важни области, а во други сте дури и понапред од земји кои преговараат за членство во ЕУ. Степенот на тешкотии понекогаш може да се чини дека е преобемен, но и други држави покажале дека е тоа возможно. Пример се Словенија или Хрватска, како позитивен модели, потоа балтичките држави како и Словачка, која великодушно ја поддржува Националната конвенција. Но, ресурите што постојат во вашата земја се важни и за ЕУ и за меѓународната јавност. Ние ќе бидеме со вас на секој чекор на овој пат не само на зборови, туку со издржана поддршка, верувам дека ќе успеете. Сметаме на вашето партнерство и пријателство на вашиот пристапниот пат како што и вие можете да сметате на нашето, порача евроамбасадорот Гир.

Гир е дециден дека пристапот кон ЕУ треба да биде национален проект и целиот политички спектар треба да се заложи за националните интереси и за спроведување на реформите поврзани со ЕУ.

–  Ова не значи дека опозицијата треба да престане да работи, нејзината улога за преиспитување на прашањата на политиките е од витално значење, но мора да постои сигурност дека земјата ќе продолжи на својот пат кон пристапување кон ЕУ со ист чекор на спроведување на реформите без оглед на тоа која Влада е на власт, рече Гир.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на конференцијата порача дека колку ќе биде брз процесот на нашата интеграција во ЕУ зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас. Според Пендаровски, реформите не треба да ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку, фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент. И Пендаровски истакна дека општиот впечаток меѓу македонските граѓани, особено во сферата на владеењето на правото, за жал, е дека дел од преземените реформи или не се одржливи на долг рок или го немаат потребниот степен на директно, позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.

 -Политичката волја за владеење на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примена на законите, а, не само при нивното усвојување во Парламентот. Промената на законодавството е само еден, нужен, но, недоволен чекор за реални промени во нашите животи. Клучна е неселективната примена на законите и доследно почитување на независноста на институциите во оваа област, од страна на политичарите. Нам ни е потребен целосно функционален и професионален Судски совет и Совет на јавни обвинители. Секое основано сомневање за работата на членовите на овие тела претставува голем хендикеп не само за инволвираните поединци, туку и за целиот правосуден систем бидејќи токму тие се надлежни за професионалниот квалитет и интегритет на луѓето во правосудниот сектор, рече претседателот Пендаровски.

Пред две недели и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер го критикуваше изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Агелер изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата. Таа и Амбасадата, потенцира Агелер, очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, пак, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Агелер додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки. (В.С.Н.)