Германците ги разграбаа летувањата во Турција, Хрватска им е скапа

76

Судејќи според интересот на германските туристи, апсолутен добитник на 2019 година во индустријата на патувањата ќе биде Турција, оценува хрватскиот портал Пословни.хр.
Анализирајќи ги состојбите преку букинзите на годинешната Туристичка берза – ИТБ во Берлин, порталот дава општа оценка дека европската индустрија на патувања годинава ќе ја одбележи загриженоста околу брегзит, јакнењето на популизмот и забавувањето на економијата.
– Покрај и понатаму жешкиот проблем со прекумерниот број гости во многу туристички одредишта, тоа се топ темаи на овогодишната туристичка берза во Берлин, пишува Пословни.хр.
Според сознанијата на порталот, Хрватите се задоволни од тоа како во Германија се продава нивното приморје, но од нив е побарано да ги намалат цените за 10 до 15 проценти ако сакаат да ги задржат бројките од ланската сезона и да остварат раст во годинешната. Надлежните тоа не го прифаќаат.
– Иако раниот букинг во Германија за летната сезона е побавен од минатата година, Хрватска засега подобро стои отколку, на пример, Шпанија, која бележи 10 проценти помалку резервации од германскиот пазар отколку лани ова време, пишува порталот.
Се додава дека хрватските организатори на патувања тврдат дека околу тоа нема драма. Првите луѓе на туризмот, министерот за туризам Гари Капели и директорот на Хрватската туристичка заедница, Кристијан Станичиќ потврдуваат дека туроператорите прават притисок на цените, но им советуваат дас е откажат од тоа, зашто, како што велат, во интерес на хрватскиот туризам е да се задржи квалитетот.
– Изградивме некоја пазарна позиција која сега не е добро да ја рушиме. Резервациите за претсезоната се добри благодарение делумно и на распоредот на празниците, но кога е во прашање забавувањето на букингот за лето, Хрватска е во иста ситуација како и останатите земји на Медитеранот, како Италија, Грција, Шпанија. Сега е во тек лов на гости во сезона, но наш став е дека не треба да “ловиме риби” со ниски цени, туку со квалитет и со јакнење на промоцијата во која влегуваме, изјавува министерот Капели.