Германските земјоделци протестираат против земјоделските политики на ЕУ

54

Во Берлин се одржаа масовни протести по повод почетокот на земјоделскиот саем „Зелена недела“, при што неколку десетици илјади демонстранти побараа поодржлив пристап кон земјоделството и промена на земјоделските политики на ЕУ.

„Со овие протести, повторно покажуваме дека постои големо социјално движење кое сака поинаква земјоделска политика“, рече претседателот на Зелената партија, Роберт Хабек. Тој истакна дека неговата партија се спротивставува на продажбата на храна по неразумно ниски цени.

Сојузот на организатори на протестите, меѓу кои има земјоделски здруженија, еколошки активисти, како и организации за заштита на потрошувачите, побара од Министерството за земјоделство да престане да ја поткопува земјоделската индустрија.

„Климатската криза, големите количини нитрит и изумирањето на животински видови, јасно покажуваат дека вака веќе не може“, рече еден од организаторите, Кристијан Ролман.

Сојузот ја обвини и владата на Ангела Меркел за лош однос кон земјоделците, што предизвикал, како што беше кажано, затворање на повеќе од 130.000 земјоделски имоти од 2005 година, кога Меркел дошла на власт, пренесе агенцијата „Хина“.

Исто така организаторите бараат и повлекување на договорот за слободна трговија на ЕУ со земјите од Јужна Америка.

Земјоделците стравуваат дека ЕУ ќе биде преплавена со евтино говедско месо, а Јужна Америка со евтини субвенционирани производи од ЕУ. Ваквиот договор, потенцираат организаторите на протестите, ќе предизвика уште подрастично уништување на амазонската прашума, која тамошните земјоделци ја сечат за да создадат повеќе обработливи површини.