Германските Зелени бираат ново раководство

33

Во Берлин денеска почнува конвенцијата на владејачката Партија на зелените, на која треба да се избере ново партиско раководство.

Досегашниот претседателски двоец, Аналена Баербок и Роберт Хабек, кои станаа министри за надворешни работи и за економија во новата коалициска влада, се повлекуваат од партиското лидерство, согласно правилата за одвојување на партиските и владините функции.

Кандидати со најголема шанса за преземање на претседателската функција во партијата се поранешниот портпарол на Зелените задолжен за надворешни работи Омид Нурипур и потпретседателката Рикарда Ланг.

Изборот на партиски лидер ќе се одржи на утрешната онлајн конвенција.

Според аналитичарите, на новото раководство му претстои тешка задача да ги усогласи партиските насоки и компромисите што ги бара работата во новата влада со социјалдемократите и либералите.

Со либералите постојат несогласувања околу климатските насоки на владата, а во надворешната политика, особено во однос на Русија, Зелените се стремат кон поостар курс од социјалдемократите и канцеларот Олаф Шолц.

Пред минатогодишните избори, Зелените долго време водеа на анкетите, но на крајот освоија 14,8 отсто од гласовите и станаа трета најсилна партија во Парламентот.