Германската Левица тврди: Нееднаквите плати меѓу источна и западна Германија предизвикуваат фрустрации

88

Работниците во поранешна источна Германија заработуваат, во просек, стотици евра помалку месечно од нивните колеги од Запад, и три децении по обединувањето на Германија, покажуваат податоците од официјалната статистика.

Јазот во платите, само полека се намалува, открија податоците на Федералниот завод за статистика, јави ДПА.

Бруто заработката за вработените со полно работно време во западните сојузни држави и Берлин, со исклучок на специјалните плаќања надвор од нормалната плата на вработениот, во просек изнесуваше 4.237 евра или 4.860 долари месечно во третиот квартал од 2021 година. Во петте источни држави, бројката беше 3.442 евра.

Тврдолевичарската партија Левица (Die Linke), која ги побара податоците, повика платите да бидат еднакви низ Германија до 2025 година – околу 35 години по повторното обединување на двата дела на Германија, разделени за време на Студената војна.

– Во секоја источна германска покраина, луѓето заработуваат помалку, отколку во која било западна германска покраина, изјави за ДПА лидерот на партијата, Дитмар Барч.

Тој додаде дека „јазот во платите е сè уште огромен, на нешто помалку од 900 евра“.

– Еднаква плата за еднаква работа – тоа би ја намалило оправданата фрустрација, рече Барч.

Според податоците, има значителни разлики, не само меѓу регионите, туку и меѓу секторите како и помеѓу мажите и жените.

Некои експерти тврдат дека, бидејќи трошоците за живот се пониски во источна Германија, разликата во куповната моќ не е толку голема колку разликата во платите.