Германија предупредува после атентатот во Иран: Мора да се спречи ескалација!

79

Германија денеска ги повика сите страни да покажат воздржаност после убиството на шефот на иранската нуклеарна програма Мохсен Фахризадех со цел да се избегне ескалација на тензиите.

„Неколку седмици во пресрет на стапување на должност на новата американска администрација, важно е да се сочува просторот за разговори со Иран за спорот околу иранската нуклеарна програма да може да се реши преку преговори“, изјави портпаролот на германското министерство за надворешни работи.

Поради тоа, како што додаде, Германија ги повикува сите страни да се воздржат од сите чекори кои би довеле до ескалација на ситуацијата.

Првиот човек на иранската нуклеарна програма беше убиен синоќа во близина на Техеран кога напаѓачи отворија оган на неговиот автомобил.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани веднаш го обвини Израел за ликвидацијата и најави одмазда.