Германија подготвува нови мерки за невакцинираните

15

Властите на германските сојузни држави планираат да ги заострат мерките за невакцинираните со кои драстично ќе се ограничат контактите и пристапот до продавниците и културните и спортските натпревари, а се подготвува и воведување општа обврска за вакцинација против коронавирусот, објавија денеска германските медиуми.

Пристапот до продавниците на федерално ниво треба да биде ограничен само за оние кои не се вакцинирани или кои не го прележале вирусот, а истото важи и за културните и спортските настани, се наведува во одлуката на федералните и покраинските власти, пренесуваат германските новински агенции.

Овие ограничувања не се однесуваат на прехранбените продавници и аптеките.

Бројот на посетители на масовните манифестации треба да биде ограничен на 30 отсто од капацитетот на просторот, но не треба да надминува 15.000.

Кај невакцинираните треба да биде ограничен и контактот во приватно опкружување. Така, членовите на едно семејство може да се среќаваат со најмногу двајца членови на друго домаќинство доколку не се вакцинирани или имале коронавирус.

Покренати се повеќе прашања за локално затворање на клубови и дискотеки во време кога седумдневната инциденца надминува 350.

Во нацрт-одлуките на федералните и покраинските власти е наведена и целта за спроведување 30 милиони вакцинации, кои ги вклучуваат првата, втората и т.н. засилувачка вакцинација до Божик.

Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ денеска објави 73.209 нови инфекции со коронавирус.