Германија ги одложува мерките за ограничување на брзината на движењето на возилата

39

Германија го одложува за наредната година усвојувањето на политички чувствителните мерки за намалување на загадувањето во транспортниот сектор.

Причина за одложувањето е силното противење на една од партиите во владејачката коалиција на предлогот за воведување општо ограничување на брзината на движењето на возилата, соопштија денеска властите во Берлин.

Слободната демократска партија која го контролира Министерството за транспорт, долго време го блокираше воведувањето ограничувања на брзината, какви што веќе се воведени во соседните држави.

Експертите посочуваат дека со ограничувањето на брзината на возење на автопатите на 120 километри на час емисиите јаглероден диоксид во атмосферата ќе се намалат за 2,6 милиони метрички тони годишно. Германската Агенција за заштита на животната средина пак соопшти дека ограничувањето на брзината на сто километри на час ќе го удвои тоа количество.

Се проценува дека со тие рестриктивни мерки до 2030 година значително ќе се намалат емисиите на гас во германскиот транспортен сектор, меѓу 118 до 175 милиони тони гасови што предизвикуваат т.н. ефект на стаклена градина.

Предлозите што денеска ги објави Министерството за економија ќе придонесат за намалување на емисиите на гасови во сите други сектори и ќе и помогнат на земјата да ги исполни своите климатски цели.

Германија сака до 2030 година да ги намали емисиите на стакленички гасови за 65 проценти во споредба со нивото од 1990 година, но признава дека тоа ќе биде „гигантска“ задача, како и оти веќе има заостанувања во реализација на зацртаното.

Најголемата европска економија има поставено за цел „нулта емисија“ до 2045 година. За да го постигне тоа, Германија ќе мора до средината на тековната деценија да ја удвои сегашната стапка на намалување на емисиите, а потоа од 2030 истата да ја зголеми тројно, најави Министерството.

Министерството забележува дека веќе се преземени значајни мерки за зголемување на производството обновлива енергија и за зголемување на производството водород за индустриска употреба.