Георгиески: Заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро со уредени јавни плажи достапни за сите

25

Преземаме конкретни мерки за овозможување на туристичка функционалност на плажите, кои ќе бидат достапни за сите граѓани и ќе бидат во хармонија со природата. Уредувањето на плажите ќе биде во согласност со Урбанистичкиот план за крајбрежје кој го подготвува Агенцијата за просторно планирање и Планот за управување со светското природно и културно наследство. Ова денеска го посочи Константин Георгиески, градоначалник на Охрид и кандидат на СДСМ за функцијата и наредните четири години.

Тој нагласи дека плажите се од огромна важност за Охрид како туристички центар. Освен во летната сезона, тие се одличен потенцијал за различни содржини во остатокот од годината. Плажите во голема мера придонесуваат за квалитетот на животот во градот и претставуваат и исклучителен туристички ресурс.

-Прашањето за зачувување и уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро со децении беше игнорирано. Храбро одлучивме да ја напуштиме таа практика. Препораките од УНЕСКО по кои постапивме ни дадоа дополнителен правец. По претходна детална анализа, консултација со експерти од сите области развиваме нов сериозен концепт и план, за општината да преземе важна улога во уредување, но и во управување со плажите, согласно еко-стандардите. Целта е плажите да бидат јавни и достапни за граѓаните, но и во функција на туризмот. Охрид конечно добива градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки, изјави Георгиески.

Георгиески најави дека јавно ќе бидат објавени идејните решенија од повикот за креативни предлози и дигитални 3Д-анимации за уредување на плажите, согласно предвидените критериуми за заштита на природата и Охридското Езеро. Целта на повикот беше да се вклучат архитекти, урбанисти но и граѓаните во креирање и избор на најдоброто идејно решение. За оценување на пристигнатите решенија формирана е стручна комисија, составена од експерти од различни области.

-Преземаме мерки за уредување на плажите согласно идејното решение кое ќе биде избрано. Преку посебна програма ќе се пристапи кон тековно чистење и одржување на околината, хортикултурно уредување, поставување на објекти од природни материјали, реквизити и друга сезонска понуда за туристички цели. Заради подобро вклучување на плажите во туристичката понуда на градот и создавање на можности за користење на средства од фондовите на ЕУ, ќе се пристапи кон соодветно брендирање на слободните градски плажи со препознатлив визуелен идентитет, лого и назив, истакна Георгиески посочувајќи дека се разгледува можноста за спроведување тематска специјализација на плажите.

Според него, целта е плажите да бидат вистинско место за уживање, одмор и забава. Уредените плажи ќе создадат дополнителни услови и алтернативна сцена за организирање на културни и забавни настани на отворено. Ќе се креира посебна програма за шпицот на летната сезона, со која плажите ќе понудат нови содржини за туристите.