За Гоце Георгиевски од претходно се договоривме, ќе им дадеме шанса на помладите. Неговите последни натпревари како репрезентативец, кој дал многу за оваа репрезентација, ќе бидат против Турција и Луксембург,  за Манасков, вратата е отворена, вели селекторот Лазаров

По се изгледа дека нешто чудно се случува во македонската сениорска ракометна репрезентација по настапот на Светското првенство во Полска и Шведска, каде не се покажавме во најдобро светло, ги загубивме трите натпревари во групната фаза и шампионатот го заврши на разочарувачкото 27. место.

Но, сега следуваа нова рунда на квалификации за Европското првенство во 2024 година и двомечот со Португалија, репрезентација со која се бориме за лидерското место во групата, а во составот ќе недостасуваат неколку клучни ракометари. Некои затоа што се мачат со повреди, а некои затоа што одлучиле да им дадат шанса на помладите.

По дополнителните лекарски прегледи ракометарите на Еурофарм Пелистер, Жарко Пешевски и Марио Танкоски се ослобидени од обврските во националниот тим, а селекторот Кирил Лазаров, дополнително повика двајца ракометари. Нови имиња се се ракометарите на Вардар 1961, Михаил Аларов и Марко Мишевски.

Од повиканите ракометари на подготовките ги нема и Филип Талески и Павле Атанасијевиќ. Ракометарот на Е. Пелистер, Атанасијевиќ е повреден, а Талески побарал да биде поштеден од лични причини, додека Дејан Манасков и Гоце Георгиевски не беа повикани за овој собир.

-За натпреварите против Португалија ќе ни недостигаат неколку играчи. Филип Талески ќе биде отсутен за двата меча, во договор со РФМ и со мене, тој ќе го прескокне овој собир и ќе се приклучи на собирот на крајот на април против Луксембург и Турција.  За Гоце Георгиевски веќе претходно се договоривме, ќе им дадеме шанса на помладите. Неговите последни натпревари како репрезентативец, кој дал многу за оваа репрезентација, ќе бидат против Турција и Луксембург. Тогаш ќе може да се прости од националниот дрес.

Манасков, после Мундијалот одлучи да им дадам шанса на помладите играчи, како  Цветан Кузманоски кој што е голем талент и Петар Атанасијевиќ, кој на СП на последните мечеви покажа дека располага со голем потнцијал на кој што во иднина треба да се смета. За Манасков, вратата е отворена. За оваа репрезентација, за национална селекција треба да сакаш да играш. За никого не е затворена вратата, одлуката не е конечна, откри селекторот Лазаров.

Ракометарите на 9. март во СЦ „Борис Трајковски“ го играат првиот меч против Португалија, а три дена подоцна следи возвратен натпревар во Матосињос. Двете репрезентации имаа максимални две победи и по 4. бода. Португалија е првопласирана само поради подобрата гол разлика, а од овој двомеч ќе зависи која репрезентација ќе го осови првото место во групата.