Македонскиот таеквондо репрезентативец Дејан Георгиевски, оствари фантастичен успех со обезбедувањето на А-норма за настап на Олимписките Игри во Токио. Но, тој не само што ќе биде дел од маједонската експедиција што ќе се бори за медал во јапонската престолнина, ќе биде и знаменосец на Свеченото отворање на ОИ.

Оваа информација ја обелодени тренерот на таеквондо клубот „Бутел“, Дарко Костовски, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

-Почитувани, со посебно задоволство сакам да ве известам дека нашиот олимпиец Дејан Георгиевски ќе биде знаменосец на олимписки тим на Олимписките игри во Токио – објави Костовски.

Дејан Георгиевски обезбеди олимписка норма, откако на квалификацискиот турнир во Софија (Бугарија) во големото финале со убедливи 13:6 го совлада актуелниот олимписки шампион, Радик Исаев од Азербејџан.

Георгиевски е вториот македонски олимпиец во Токио, по борачот Могамедгаџи Нуров.

Фото: Фејсбук