Георгиевски вечно ќе се сеќава на страшната слика од природната непогода

442

Поминаа 4 години од катастрофалната поплава која на 6 август 2016 година во Стајковци, Синѓелиќ, Смилковци, Црешево, Виниче, Страчинци, Брњарци и Арачиново остави пустош зад себе и за кратко однесе 24 човечки животи.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски кој и самиот живее во село Стајковци вели дека ова е денот кој секој од нас кој што ја искуси таа горчина, вечно ќе се сеќава на страшната слика од природната непогода. Но и на хуманоста која доаѓаше од сите страни како на Скопје и земјата, така и од странство, каде сите заедно се боревме за да спасиме човек повеќе.

– Изминатиот период, како општина презедовме повеќе мерки за превенција и долгорочно решавање на овој проблем. Ја саниравме патната инфрастуктура на улиците кои што беа погодени од поплавата. Каналите редовно ги чистиме, а подготвен е и проект за изградба на нов ободен канал покрај обиколницата, со цел да ги собира отпадните води кои доаѓаат од Скопска Црна Гора, проект кој ќе ги заштити населените места и земјоделски површини – вели Георгиевски.

Тој потсети дека е извршено масовно пошумување на Скопска Црна Гора со цел да се спречи  ерозија, а забрани и сечење на шумата во овој предел.

– Ја усвоивме и применуваме Студијата за ерозија, која има за цел да превенира нова катастрофа. Сакам да порачам дека општина ГазиБаба секогаш ќе води сметка оваа трагедија никогаш да не се повтори, вложуваме во секој сегмент кој придонесува за спречување на поплава и го даваме нашиот максимум за тоа, но мора да ја имаме и поддршката од вас граѓаните. Да ни помагате одржувајќи ја животната средина чиста, каналите да не ги претвораме во депонии, а шумите да не ги сечеме. Само така можеме да успееме никогаш повеќе да не се повтори ваква непогода – нагласи Георгиевски.

(С.Бл.)