Повеќегодишното истражување за потеклото на населението на Балканот покажа дека генетските разлики меѓу Србите, Хрватите, Црногорците и Македонците речиси и да не постојат

Генетски разлики меѓу народите од поранешна Југославија практично не постојат, е еден од заклучоците на повеќегодишното истражување за потеклото на населението на Балканот. Од Србија, при тестирањето се користени и 100 примероци од Виминациум, пишува српскиот портал „Време“.

За истражување, беа собрани повеќе од 200 примероци низ целиот Балкан, од Србија, Хрватска, Македонија, Албанија и Грција.

Д-р Карлес Лалуеза Фокс, професор на Институтот за еволутивна биологија во Барселона, кој го предводеше тимот учесници во оваа научна студија, рече дека  е добиена општа слика за населението на Балканот во последните 3.000 години. Имаше многу изненадувања. На пример, во Виминациум најдовме една личност која беше погребана таму, која беше од Источна Африка. Сега работиме на утврдување на неговото потекло. „Ова е човек од супсахарска Африка, кој беше далеку надвор од границите на Римската Империја“, вели Фокс.

Бил проучуван генетскиот континуитет на жителите на Балканот од бронзеното доба преку железното доба до Римската Империја, при што било заклучено дека на Балканот не постоел словенски геном до падот на Римската Империја и подоцна, или во со други зборови, дека Словените само после тоа го населиле Балканот.

„Но, затоа имавме компонента на автохтониот балкански геном, од популацијата што ги населуваше овие региони“, објаснува д-р Миодраг Грбиќ од Универзитетот во Западен Онтарио и визитинг професор на Биолошкиот факултет во Белград. Не се знае кои биле тие домородни Балканци.

Словените дошле на Балканот од територијата на денешна Полска и Украина, покажаа молекуларните маркери.

Д-р Фокс вели дека во словенските примероци откриле траги од потеклото на луѓето од северна и централна Европа. „Сè уште не можеме точно да одредиме од каде дошле“, вели д-р Фокс.

Во студијата била вклучена и модерната српска популација, која според д-р Фокс дала интересни резултати. Имено, беше забележано влијанието на Словените на целиот Балкан, како и учеството на т.н. автохтони и словенски гени подеднакво.

„Беше собран репрезентативен примерок од сите области каде живее српското население, а потоа можевме да ја споредиме состојбата на современото српско население во однос на генетската историја запишана во ДНК“, вели Миодраг Грбиќ, пренесува „Време“

На крајот, заклучокот од студијата е дека генетските разлики меѓу народите од поранешна Југославија, меѓу кои Срби, Хрвати, Црногорци и Македонци, речиси и да не постојат. Уште еднаш се докажа дека биологијата и генетиката не познаваат културни или какви било слични поделби.