Гена Теодосиевска избрана за претседател на четирите жирија на Фипресци на Берлинале

145

Гена Теодосиевска е избрана за претседателка на четирите жирија на меѓународната филмска критика Фипресци (Fipresci) на 73. Берлински филмски фестивал, што ќе се одржи од 16 до 26 февруари.

Теодосиевска е позната како ТВ новинар, критичар, фестивалски селектор и познавач на филмските и визуелните уметности. Беше селектор, уметнички директор и директор на ИФФК „Браќа Манаки“ од 2008 до 2020, а од 2022 година е назначена за уметнички директор на ИФФ „Киненова“.

Во последниве 30 години таа е посветен проследувач, туторинг експерт за документарен и краток филм на неколку европски филмски работилници, координатор на меѓународни копродукциски ТВ проекти и промотор на македонската визуелна уметност. Таа беше извршен продуцент на филмот „Судијата“, прикажан на над 30-тина филмски фестивали низ светот, а премиерно и на Венецискиот филмски фестивал во 2001 година. За член на жири била поканета на повеќе од 25 меѓународни филмски фестивали.

Берлиналето е втор фестивал од А катергорија по IDFA во Амстердам, на кој таа е дел од оваа високопочитувана оценувачка комисија. М-р Гена Теодосиевска е активен член на Македонската секција на Fipresci, а вработена е во МРТ.