Професорот Илија Џаџев бeше пред времето. Тогаш, во тие години, беше забрането да се слават црковните празници, ама тој секоја година за Водици го препливуваше Вардар. Веруваше дека со овој свој чин ќе придонесе да се обнови  не само човековата огрeвовена природа туку и целиот космос преку водата и Духот Божји. Во својот живот, низ планетата Земја, со својата хавајска гитара помина околу 40 милиони километри, што е исто како да ја обиколил Земјината топка 80 пати. Работниот век го помина како професор по географија во Училишниот центар во Гевгелија, каде што сè уште се живи спомените за него – човекот со хавајка во рацете и со романтика во душата

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Иако годините си минуваат, како што минува и реката Вардар сиве овие години, крај некогашната Гортинија, денес Гевгелија, сè уште се живи спомените за него – човекот со хавајка во рацете и со романтика во душата. Секој град, се вели, има свои знаменитости. Гевгелија, вели во едно свое писание поетот Кирил Кангов, во своето блиско минато имал своја жива знаменитост, свој жив имиџ. Го имаше Илија Џаџев.

Самиот Џаџев за себе велеше дека е роден меѓу двете светски војни, во гратче меѓу три легендарни планини, една река и едно езеро, близу еден залив на Медитеранот.
Во својот живот, низ планетата Земја, со својата хавајска гитара помина околу 40 милиони километри, што е исто како да ја обиколил Земјината топка 80 пати. Својот работен век го помина како професор по географија во Училишниот центар во Гевгелија.

Но, животот на Џаџев е повеќе од прост збир на години и настани. Тој е несекојдневна личност, со широка душа и немирен дух, преполн со интересни идеи за творење и преобразување. Постарите гевгеличани, а особено неговите пријатели, може со денови да ви кажуваат интересни епизоди, слики и случки поврзани со него. Ќе ви кажат за неговите над 6.000 бесплатни, хуманитарни концерти со својата хавајска гитара, во детски градинки, рударски окна, железнички станици, гранични караули, касарни, студентски и пензионерски домови, затвори, плоштади низ светските градови, под пирамидите во Сахара. Ќе ви кажуваат за неговата колекција на чевли и на велосипеди. За серенадите и за романтичниот живот во полноќните часови во некогашна Гевгелија. За швајцарската точност при одењето на бербер во закажаниот термин.

Вредноста на професорот Илија Џаџев беше во оригиналниот живот и поетичните замисли за неговиот свет. Да шири музика, да биде оригинално чуден и, меѓу другото, она што е интересно сега пред големиот христијански празник Богојавление или Водици, да го препливува Вардар, токму за овој ден, и со тоа да ја започне сезоната на пливање во најстудениот месец во годината.

Џаџев го има правено тоа секоја година. Ќе го викнел професионалниот фотограф Коста Аризанов да го забележи настанот, ќе влезел во студените води на реката Вардар и, по краткотрајно адаптирање, ќе препливал од едниот до другиот брег. Следен, се разбира, од многубројни гевгеличани, кои знаејќи за овој негов обичај, се собирале на мостот на Вардар или на брегот за да го следат неговото капење.

Една од неговите познајнички вели:  „Професорот Илија Џаџев бeше пред времето. Тогаш, во тие години, беше забрането да се слават црковните празници, ама тој за Водици пливаше во Вардар. Веруваше дека со овој свој чин ќе придонесе да се обнови не само човековата огрeвовена природа туку и  целиот космос преку водата и Духот Божји“.

А, на зимските празници знаел и да засвири, се сеќава еден негов познајник. Пред Нова година, на 31 декември, правеше мини концерт со својата хавајка за своите сограѓани, на градското шеталиште, а за Божик знаеше да им засвири дури и на патниците во возот што сообраќаше на релација Атина – Минхен.

Тоа беше ТОЈ, Илија Џаџев, поет, виртуоз на хавајска гитара, хуманист, љубопитник, со свој карактеристичен филозофски поглед на светот. Зашто во една пригода, тој самиот за себе има кажано дека одамна ги има фрлено своите години во една канта за ѓубре кај Санта Моника, близу Великиот Океан и дека живее во време без години. А, токму празникот Водици е убава можност да го обновиме сеќавањето на него и неговиот обичај, секоја година, токму за овој голем христијански празник да го препливува Вардар.