Гвардиола и Меси во Милан!

133

Со голот на Тео Хернандез во 88 минута, Милан забележа минимална но злато вредна победа на гостувањето во Парма. Клубот од „Сан Сиро“ победи по пауза од еден месец и освои три бода на едно гостување по пауза од два месеца.

Сепак, за италијанските медиуми, далеку поинтересна е приказната за можната продажба на седумкратниот европски клупски шампион. Јасно е како ден дека во клубот има две струии. Споственичката структура „Елиот“, на чело со извршниот директор Иван Газидис од една страна и техничкиот директор Паоло Малдини со својата десна рака Звонимир Бобан од другата страна.

Првата е заинтересирана само за профит, а втората за тимот и резултатите кои со години се под очекуваното ниво. Затоа, веќе со месеци се пишува дека нов сопственик на „росонерите“ ќе биде Бернард Арнаулт, кој е прв човек на луксузниот моден бренд „Louis Vuitton“, најбогатиот Европјанин и втор најбогат човек во светот со богатство од 93 милијарди евра.

Французинот демантираше дека е заинтересиран за купување на Милан, но Италијанците се убедени дека постојат големи шанси да го купи клубот и тоа за 975 мил. евра.

Чекор подалеку направи римската „Република“ која откри што точно ќе направи Арнаулт откако ќе седне во сопственичкото столче.

  • „Елиот“ има сериозен проблем. Финансиската ситуација е алармантна, спортски резултати се лоши, а проектот за новиот стадион не се движи во посакуваната насока. Арнаулт веднаш ќе направи неколку промени, но прво ќе инвестира во тимот. Французинот има два плана. Прво ќе го ангажира Пеп Гвардиола за тренер, а потоа ќе го купи Лионел Меси. На тој начин ќе направи силна врска помеѓу тимот и тренерот. Втора опција е Јурген Клоп и Килијан Мбапе. На тој начин ќе се обиде да направи пресврт во Милан, пишува „Република“.

За моменталната ситуација во редовите на Милан најдобро покажува податокот дека левиот бек, Тео Хернандез е најдобар стрелец во тимот, со вкупно три погодоци. „Росонерите“ не играат во Европа поради непочитување на Финансискиот Фер-Плеј, а во Серија А се на 11-место со 13 постигнати и 17 примени погодоци. Лидерот на табелата, градскиот ривал Интер има 20 бода повеќе, а четвртопласираниот Калјари, последното место кое води во ЛШ, има 11 бода повеќе.

Шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ е приоритет на клупските челници кога е во прашање зимскиот преоден рок, а богата понуда ќе има и за најдобриот фудбалер во дресот на бразилскиот гигант Гремио, Евертон, кој е проценет на 40 мил. евра.