Гафови, бисери, зачинети со вегета, молзење крави, пловен Вардар… и “мало сутра“, до гласачко ливче!

Завршува кампањата за првиот круг на локалните избори, а граѓаните својот глас ќе го дадат во недела. Имаа неверојатна можност да се изнаслушаат сè и сешто, секакви ветувања, а најмногу доминираше ЌЕ! Па така, ред вицеви, ред гафови, ред бисери, зачинети со вегета и “мало сутра“ или “еве ви го НA” кампањата доби и музички хит - „Ќе ти дојдам вечер јас со пенкала, ќе ти ветам асфалт и до пред куќа“.

234

Последни два дена на изборната кампања пред првиот круг на Локалните избори 2021, останува уште завршниот настап на кандидатите за градоначалници и за советници и гласачите ќе можат да здивнат од многуте проекти и ветувања, барем за кратко. До понеделник, кога почнува вториот круг и завршува на 31 октомври.

Останува впечатокот дека партиите во своите настапи централно место им отстапија на лидерите, наместо на кандидатите за градоначалници и претставувањето повеќе прилегаше како за парламентарни, а не за локални избори. Па, оттука и не изненадува заморот кој беше забележлив кај некои од нив и „грешките во чекори“ во јавните обраќања.

Така, на лидерот на СДСМ Зоран Заев на митингот на платото пред Домот на АСНОМ во Делчево му се стемни сред бел ден.

„Добровечер драги мои сограѓани, почитувани граѓани на Делчево, драги пријатели, добар ден на сите…, ги поздрави присутните Заев.

Носителот на листата на кандидати за советници во Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, пак, го промаши датумот на првиот круг на локалните избори:

„Затоа сум сигурен дека ќе победиме на 11 октомври“, рече Славески на собир за локалните избори на 17 октомври.

Во секоја кампања, особено за локалните избори, вели за весникот ВЕЧЕР, комуникологот Бојан Кордалов, треба да се говори за конкретни проекти кои ќе прераснат во натпревар на идеи помеѓу кандидатите и кандидатките, односно во остварливи предлози за секој локален предизвик, а граѓаните и нивните барања да бидат во центарот.

„Значи, граѓаните да кажуваат што им треба и кои им се приоритетите во средините каде живеат и работат, а локалните власти да бидат сервис кој тоа ќе го изменаџира и ќе најде законски и истовремено најефикасен начин како тоа да го исполни. Тоа е рецептот, наспроти ароганцијата и отуѓување од народот каква се изнагледавме изминативе 3 децении кај мнозинството од избрани и именувани функционери“, вели за весникот ВЕЧЕР Кордалов.

Во обид да им се доближат на граѓаните кандидатите на терен блеснаа во полн сјај. Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Ѓорче, Александар Наумоски молзеше крава во кампањата.

„Добро е градоначалник понекогаш да влезе кај што спијат кравите и козите“, рече Наумоски.

Според комуникологот, особено е важна улогата на членовите на општинските совети, кои крајно време е да разберат дека не може да бидат партиски послушници и само со неколку појавувања месечно на седница или комисии да земаат плати и паушали.

„Советите не се и не смеат повеќе да бидат место за згрижување на најлојалните партиски членови, туку треба да бидат вистински управувачки орган кој деноноќно ќе ги решава проблемите заедно со граѓаните. Прашувам јавно, кога последен пат организирано сме стапиле во контакт со нашиот советник/чка и на тој начин било решено одредено наше прашање или проблем? Не зборувам за лични познанства и врски, туку по регуларен пат. Впрочем, на колку веб-страници може да ги најдеме контактите на кои во секое време ќе ги добиеме советниците од општината во која живееме?“, прашува Кордалов.

Впечатокот на граѓаните дека партиите за време на избори се постојано меѓу народот, ветуваат сѐ и сешто, а по нивното завршување станува многу потешко да ги добиете, закажете средба, смета тој, произлегува најчесто од даваните нереални и неостварливи ветувања за време на кампањите, а со единствена цел да се освои или задржи власта.

Па така, ред вицеви, ред гафови, ред бисери, зачинети со вегета и “мало сутра“ или “еве ви го НA” кампањата доби и музички хит – „Ќе ти дојдам вечер јас со пенкала, ќе ти ветам асфалт и до пред куќа“, пее Вик Какаротски од Охрид во „Ќе ти дојдам вечер јас…“ која стана хит на социјалните мрежи за овие избори.

И оваа кампања обилуваше со мошне “неверојатни“ предлози, посебно околу превозот на граѓаните. Кандидатот за градоначалник на Скопје од Комунистичката партија на Македонија – Титови сили, Горан Арсовски во ТВ-дебата рече дека доколку тој стане градоначалник на Скопје, ќе го направи Вардар пловен.

„Ќе го направиме Вардар пловен од Ѓорче Петров до Лисиче и на граѓаните ќе им понудиме бродски транспорт“, рече Арсовски.

Партијата ИНТЕГРА, пак, лесно ќе го реши проблемот со јавниот превоз во Скопје.

„Притисокот на јавниот превоз во градот Скопје ќе мора да го намалиме на начин што ќе отвориме и еден вентил на радикална реформа на такси превозот по Убер моделот!“, изјави лидерот Љупчо Ристовски.

Останува само уште да се разреши дилемата што е подобро, бесплатен јавен превоз или БАП (Брз автобуски превоз) и скопјани може со мерак да се возат…

А интересен беше и предлогот на кандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром, Александар Филиповски за справување со аерозагадувањето.

„Да се чистат и плочниците меѓу зградите. Ние знаеме дека во поголемиот дел од Аеродром е урбано јадро од згради и тие плочници со години не се чистат. Значи еден аспект како да го решиме загадувањето сум сигурен дека е и ова…“, рече Филиповски.

„После 30 години самостојност и избори кои се одржуваат речиси секоја година, граѓаните се свесни и многу е тешко да ги убедуваат партиите со бомбастични, лажни ветувања. Не заради друго, туку поради фактот што веќе не постои ветување кое не е дадено, нити остана активен политичар или политичарка за кој јавноста нема свое мислење“, додава Кордалов.

Во таа насока е реакцијата за многуте нереализирани предизборни ветувања на кандидатот за градоначалник на Охрид на Движењето Бојкотирам и на партијата ТМРО, Гоце Цветковски, кој на дебата со противкандидатите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ им даде вегета за да замезат со парите што ги “лапаат” од државата.

Но, како што вели Кордалов, сепак и два позитивни аспекта ја одбележаа оваа кампања.

„Прво, партиите успеаја во голема мера да ја тргнат темата за коронавирусот како централна тема, особено ако споредиме со ланската кампања. Второто, забележливо е дека ја сведоа црната кампања, на главно негативна кампања што е големо подобрување споредено со сите изборни циклуси децении наназад. Со други зборови, критика треба да има, но секогаш да биде проследена со решенија, односно како партијата или кандидатите кои критикуваат, имаат план да го решат конкретниот проблем на граѓаните. Секако, како што вели поговорката „една ластовичка не носи пролет“, партиите ќе треба долго, упорно и макотрпно да се менуваат за да ја обноват изгубената доверба кај граѓаните, која со децении ја изневерувале токму поради едни ветувања во кампања, а спротивна реализација на власт“, заклучува Кордалов.

(И.С.)