Гасоводот Северен тек 2 доби дозвола за работа од Данска

62

Компанијата Северен тек 2, со седиште во Швајцарија, денеска објави дека ги добила сите потребни дозволи од земјите низ чии територијални води минува истоимениот гасовод, вклучително и дозволата за работа на гасоводот во Данска.

Претходно денеска, Данската агенција за енергетика (ДЕА) објави дека издала лиценца на таа компанија за работа на гасоводот Северен тек 2 под одредени услови поврзани со безбедно работење.

„Пуштањето во употреба може да се изврши само откога барем една од двете цевки на гасоводот го помине тестот, добие потврда и кога ќе се исполнат релевантните услови содржани во градежната и оперативната дозвола“, информира данскиот регулатор

Компанијата Северен тек 2, која е оператор на проектот на овој гасовод, наведува дека во моментов разгледуваат различни можности за продолжување на поставување цевки.

До денес, завршени се 93 проценти од гасоводот Северен тек 2, што минува од Русија преку дното на Балтичкото Море до Германија. Изградбата беше запрена на крајот на 2019 година кога швајцарската компанија за поставување цевки Олсис ја запре работата поради санкции од САД.

Извор:МИА