Гарантирано точни статистички податоци со примена на највисокиот стандард на ММФ

106

Со прифаќање на стандардот за дисеминација на податоците СДДС Плус Македонија влезе во друштвото на најразвиените држави во светот, а е втора во Југоисточна Европа и единствена од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ, која го применува

Македонија влезе во групата на 18 земји во светот кои ги применуваат највисоките статистички стандарди на Меѓународниот монетарен фонд. Од 28 минатиот месец Државниот завод за статистика, Народната банка и Министерстовот за финансии статистичките податоци ги обработуваат и објавуваат по најновиот СДДС Плус, стандард на ММФ, со што се гарантира нивната точност.

Според директорот на ДЗС Апостол Симовски пристапувањето кон овој систем на дисеминација на податоци е резултат на заедничка работа на трите институции

– Целта на овој највисок стандард на ММФ е да им помогне на статистички напредните земји во однос на продукцијата на сеопфатни, навремени и веродостојни економски и финансиски податоци во рамките на постојните економски и финансиски интеграции. Исполнувањето на високите критериуми на ММФ е уште еден успех на Република Македонија и на националниот статистички систем во насока на подобрување и усогласување на статистичките податоци со меѓународните стандарди, рече Симовски и додаде дека пристапувањето кон овој стандард е доброволно, но носи обврска да се почитува.

Тој појасни дека уште во 2004 година нашата држава пристапила кон тогашниот стандард на ММФ – ГДДС, за во 2011 да премине на тогаш највисокиот СДДС, кој подоцна е надграден со 9 индикации и е наречен СДДС+. Со прифаќање на овој стандард Македонија влезе во друштвото на најразвиените држави во светот, а е втора во Југоисточна Европа и единствена од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ, која го применува.

– На глобален план веќе одамна е апсолвирано дека квалитетната дисеминација на податоци е клучна за ползување на придобивките на статистиката. Затоа со сигурност можам да кажам дека 28 јануари 2019 година е датум од историско значење за македонскиот статистички систем, но и за македонската економија, бидејќи таа сега има можност да биде една од 18. економии во светот кои имаат сет на статистички показатели според највисокиот меѓународен стандард за дисеминанција на податоци, потенцира гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пристапувањето кон СДДС Плус стандардот го оцени како одлична вест од големо значење за земјава, бидејќи меѓународно добро ќе се позиционира и влегува во групата на земји со највисок стандард за известување што, пак, посочи, ќе придонесе за поголема доверба и подобро позиционирање кај меѓународните финансиски институции, кредитните рејтинг агенции и кај инвеститорите.

– За меѓународните инвеститори и институции особено важни се статистичките стандарди. Ако тие веруваат во податоците тогаш влегуваат во државата. Со пристапување кон СДДС Плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки. Стратешки цели на државата се евроатлантските интеграции, порастот за животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за граѓаните, а точните и целосни статистички податоци даваат приказ каде сме и основа за правилни и навремени одлуки за постигнување на овие цели, рече Тевдовски.

Националната страница во која податоците се претставени во СДМХ форматот кој овозможува нивна компјутеризирана обработка веќе е поставена на веб-страницата на ДЗС и до неа се пристапува и од веб-странците на НБРМ и на Министерството за фианнсии. Националните мета податоци се поставени и на веб-страницата на билтенот за специјални стандарди за дисеминација на ММФ.

(С.В.)